Авторот и есеист, Наум Пановски, е добитник на највисокото „Рациново признание“ за 2026 година. Оваа награда ја добива за романот „Коста Солев – смртопис“, роман со став, идеја и повик за себепреиспитување.
Тој ја доби наградата во конкуренција на 25 пријавени дела. За Рациновото признание одлучуваше жири-комисијата во состав, проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова.
Романот на Пановски се заснова на проверени факти и посветена истражувачка работа и во него по прв пат е расветлен уделот што во животот на Коста Солев го одиграле две образовани млади жени, Невенка Вуиќ и Малина Поп Иванова, со кои тој ги споделувал и ги градел своите прогресивни идеи, погледот кон светот, замислата и борбата за класна правда во општеството.
Во својот роман, Пановски порачува дека сите носиме одговорност и вина за неговата трагична смрт.
Иако ’Рациновото признание‘ требаше да биде врачено на свеченото отворање на 63. издание на Меѓународните Рацинови средби што се случи вчера во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, поради отсуството на лауреатот од земјата, наградата ќе му биде доделена дополнително.
„Самиот чин на ликвидацијата на поетот во делото е поместен од очекуваното идеолошко на антрополошко рамниште. Се открива дека зависта и комплексот на инфериорност биле оние темни подземни сили што му пресудиле на Солев. Во делото е вткаена уште една потресна алузија на познатиот образец за Моцарт и Салиери. Генијот наспроти завидливиот медиокритет, но овој пат преместен на домашен терен, со дополнителна класно-хиерархиска димензија, кога завидливите и привилегирани дворски бирократи и партиски медиокритети подмолно, постепено и физички ќе го докрајчат Коста Солев. Прашањето што се провлекува низ нашата историографија – кој е, всушност, вистинскиот убиец – во прозата на авторот Пановски се пренасочува во форензичка потрага по самата причина и расчистување на клучното прашање: зошто Солев е ликвидиран“, се вели во образложението за наградата.












