петок, септември 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Џ П Морган“ повеќе не знае што ќе се случи со цените...

„Џ П Морган“ повеќе не знае што ќе се случи со цените на нафтата: „Едноставно не знаеме“

0

Инвестициската банка „ЈП Морган“ објави дека е исклучително тешко да се процени како војната меѓу САД и Иран ќе влијае врз цените на нафтата. Во известување до инвеститорите – редок потег за оваа финансиска компанија – тие признаа дека не можат да предвидат како ќе се одвива конфликтот. „Едноставно не знаеме како да го моделираме крајниот исход“, изјавија тие, пишува „Би-Би-Си“.

 

На почетокот на конфликтот, банката претпоставуваше дека постојат „економски црвени линии“ кои администрацијата на Трамп нема да ги пречекори. Следствено, тие веруваа дека до јуни ќе се постигне договор за отворање на Ормускиот теснец. Овие прагови вклучуваа цени на нафтата над 100 долари за барел, инфлација од 4%, цени на бензинот од 5 долари за галон и приноси на 10-годишни државни обврзници кои достигнуваат 5%.

Иако цената на бензинот останува под 5 долари, а инфлацијата не достигнала 4%, цените на нафтата повторно надминаа 100 долари во последните недели. Приносите на американските државни обврзници исто така надминаа 5%. „Шест месеци по почетокот на војната, многу од тие прагови се пречекорени, а излезната стратегија станува сè понејасна“, забележа тимот за истражување на пазарот на суровини на JP Morgan.

„За првпат откако започна конфликтот со Иран, немаме основна проценка. Едноставно не знаеме како да го моделираме крајниот исход“, заклучија аналитичарите. Тие ја опишаа ситуацијата и со зборовите: „Пазарот е напнат“.

Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не очекува конфликтот со Иран да заврши пред изборите за Конгресот во ноември. „Цените на нафтата нагло ќе паднат веднаш по изборите. Мислам дека ова ќе потрае малку подолго од самите избори“, им рече Трамп на новинарите.

Високите цени на нафтата се главен двигател на растот на трошоците за живот во САД и на глобално ниво, при што цените на горивото и енергијата растат пред доаѓањето на постудените месеци. Како резултат на тоа, американската централна банка, Федералните резерви (Фед), оваа недела ги зголеми каматните стапки – прво такво зголемување по повеќе од три години.

ФЕД најави дека може дополнително да ги зголеми стапките оваа и следната година за да го ограничи растот на цените. Официјалниот претставник на ФЕД, Кевин Ворш, објасни дека одлуката е донесена бидејќи „инфлацијата е превисока и трае предолго“. Трамп не се согласуваше со одлуката.

ИЗДВОЕНИ