Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека верува оти е постигнат „фер договор“ со Иран за прекин на конфликтот и дека тврдењата дека договорот предвидува САД да мора да инвестираат пари во Иран се „смешни“.
„Сметаме дека е фер договор, добар договор. Не вложуваме никакви пари, не сме обврзани да вложиме никакви пари во Иран. Имаме право да го сториме тоа ако сакаме, но не вложуваме никакви пари“, изјави Трамп пред новинарите на маргините на самитот на Г7 во францускиот град Евиан-ле-Бен, објави Скај њуз.
Иранските медиуми претходно објавија дека договорот за прекин на војната во Иран вклучува клаузула со која се бара од САД да презентираат планови за реконструкција на земјата во вредност од 300 милијарди долари (258,5 милијарди евра).












