Наградата „Ладислав Баришиќ“ за современо критичко пишување за 2026 година ја доби Мања Величковска за текстот „Настраните на крајот на светот: Анализа на есхатолошката антиродова имагинација во македонската квир култура“.
Мања Величковска, во текстот ги анализира механизмите преку кои квир телата, знаењата и културните содржини се конструираат како општествена закана, поаѓајќи од конкретни примери од современиот македонски културен контекст.
На конкурсот за наградата „Ладислав Баришиќ“ за современо критичко пишување, која ја доделува АИКА Македонија, пристигнале седум пријави, од кои, по првичната селекција, три текста влегле во потесниот избор. Трите селектирани текста биле предмет на стручна евалуација од жири-комисијата во состав Владимир Јанчевски, Натали Рајчиновска-Павлеска и Билјана Тануровска-Ќулавкоски, членови на АИКА Македонија.
-Значењето на текстот на Мања Величковска се согледува во оригиналното поврзување на конкретни случаи од современата македонска уметност и култура со поширока критичка и теориска рамка. Поаѓајќи од антиродовите реакции кон изложбата „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ и кон творештвото на Јован Јосифовски, како и други примери од полето на уметноста, но и пошироко, авторката истражува како културните содржини, телата и идентитетите се конструираат како општествена закана. Особено значајно е читањето на визуелниот јазик на Јосифовски, преку кое се откриваат врските меѓу семејното насилство, национализмот, религијата и квир искуството, зачувувајќи ја сложеноста на уметничките постапки и нивниот критички потенцијал. Преку анализата и критичкиот осврт текстот го надминува непосредниот повод и отвора пошироки прашања за односот меѓу уметноста, идеологијата, јавниот дискурс и институционалниот простор, како и за улогата на критичкото пишување во нивното препознавање и преиспитување. Токму поврзувањето на актуелен локален феномен со пошироки современи општествени и теориски прашања го издвојува текстот како релевантен придонес кон критичката мисла за современата визуелна култура, се посочува од АИКА Македонија.
Покрај Величковска, во трите селектирани влегле и Јованка Попова, која во текстот „Музеј на солидарност“, го разработува концептот на музејот на солидарноста, преиспитувајќи ја современата улога на музејот и неговите институционални, општествени и политички релации и Билјана Исијанин, која во текстот „Улогата на уметникот во време на замена на стварното“, ја истражува трансформацијата на улогата на уметникот во услови на дигитализација, виртуелност и технолошки посредувана стварност, отворајќи прашања за новите критериуми на вреднување и за позицијата на уметникот во дигиталната култура.












