„На младите актери би им дал совет да не дозволат да ја загубат љубопитноста, да не се плашат од ’големи’ имиња (зашто и најголемите актери не се најдобри во сите улоги), да не стравуваат дека можеби ќе згрешат (зашто тоа, секако, во одреден момент ќе се случи), и најважно, во работата внимателно да ги следат повозрасните колеги, од кои постојано можат да учат за да бидат подобри“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР познатиот актер Петре Арсовски, кој е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ, а која ќе му биде врачена на свеченото отворање на годинашното 47. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, на 19 септември во Битола 

Петре Арсовски, нашиот истакнат филмски, телевизиски и театарски актер, е годинашниот добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која Друштвото на филмските работници на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија во рамките на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Наградата на Арсовски ќе му биде врачена утревечер (19 септември) на свеченото отворање на годинашното 47. издание на фестивалот во Битола.

Со повеќе од пет децении присуство пред филмската камера, Арсовски е едно од препознатливите актерски лица со остварени над 80 филмски и ТВ-улоги. Филмската кариера ја започнува во 1971 во „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица, а следуваат „Истрел“ на Бранко Гапо, „Јад“ на Кирил Ценевски, „Најдолгиот пат“ на Гапо и „Пресуда“ на Трајче Попов, за во 1980 да ја толкува главната улога на Петре Ќушко во „Време, води“, исто така, на Бранко Гапо. Следуваат улоги во бројни филмови меѓу кои „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Ангели на отпад“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20-тиот век“, „Големата вода“, „Бал-кан-кан“, „Караула“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Златна петорка“ и „Лена и Владимир“.

Плакат на „Време, води“

Неговата филмографија опфаќа и бројни филмски и телевизиски продукции во земјите од регионот и пошироко. Од неговите скорешни ТВ-улоги се издвојуваат Газда Киро во српската ТВ-серија „Сенки над Балканот“ во режија на Драган Бјелогрлиќ,  Таткото на Владо во македонската ТВ-серија „На терапија“ во режија на Вардан Тозија, но македонската публика го препознава и од сериите: „Волшебното самарче“, „Бушава азбука“, „Трст виа Скопје“, „Во светот на бајките“, „Македонски народни приказни“, „Заведени“.

Освен на филм и ТВ, Арсовски се има остварено и во над 70 театарски претстави. Роден 1945, во с. Мокрени, Велешко, тој е долгогодишен член на ансамблот на МНТ, каде што работи од 1974 до пензионирањето, во 2009, но и потоа игра во претстави од репертоарот на театарот. Негови театарски улоги од последните неколку години во МНТ се Чичко Јакоб во „Разговор во четири очи“ од Бергман, Петар Николаевич Сорин во „Галеб“ од Чехов, Мортен Кил во „Народен непријател“ од Ибзен – сите во режија на Нина Николиќ, како и Везан и Рабинот во „Сите сме птици“ од Важди Муавад, во режија на Слободан Унковски. Добитник е и на бројни признанија, меѓу кои државната награда „11 Октомври“ за животно дело, наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, а сега и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ.

Во пресрет на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“, освен за наградата, Арсовски за весникот ВЕЧЕР говори и за долгогодишната актерска кариера, за почетоците, за бројните ликови…

Со добивањето на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ веќе сте во друштво на Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Милица Стојанова, Столе Попов, Горјан Тозија… Што значи ова признание за Вас?

Почестен сум. Досегашните лауреати се личности кои го обележале македонскиот филм, го отвориле патот за следните генерации и придонеле денес македонската кинематографија да е рамноправна во натпреварот со странските, од кои повеќето се постари, посилни, побогати. Да се биде во нивното друштво е признание за мојата работа на филмот и задоволство ми е што ДФРМ сметал дека моето име може да стои до нивните.

Во 2018 година одбележавте 50 години од вашата актерска кариера и сè уште сте активен. Кога гледате наназад, што чувствувате за сите оние бројни ликови што сте ги одиграле? Колку од тие животи/ликови носите во себе, се станува ли подобар човек поистоветувајќи се со туѓите маки и радости, се станува ли личност со поголемо сочувство и разбирање за другите?

Не може да се биде добар актер без да се разбере ликот што го толкуваме. Ги проучуваме, анализираме, за да ги оживееме со својата интерпретација. Притоа, јас станувам побогат со секој нов одигран лик, но истовремено и дел од мене е вткаен во нив, не ист и во иста мера, но во секој од нив, постои и дел од мене. Така, да одговорам на вашето прашање, да, сум проживеал повеќе животи со секој лик што сум го „глумел” и толку сум и почовечен, и во добра и во лоша смисла.

Во „Лена и Владимир“

Со импозантен број филмски и ТВ-улоги зад себе, дел значајни и препознатливи, каков совет можете да им дадете на актерите што почнуваат? Треба ли, постои ли луксуз да се избере улогата или треба да се прифати по секоја цена, за да се стигне и да се остане подолго присутен на филмското платно или на ТВ-екраните?

Тешко е да им се даде генерален совет на младите генерации актери, како и на младите воопшто, зашто во некои работи се пообразовани, поинформирани и поупатени во филмската индустрија и уметност од нас, постарите. Но, кога некој од нив побарал совет или мислење од мене, со задоволство им го кажувам и им помагам колку можам и знам. Некој општ совет би бил да не дозволат да ја загубат љубопитноста, да не се плашат од „големи” имиња (зашто и најголемите актери не се најдобри во сите улоги), да не стравуваат дека можеби ќе згрешат (зашто тоа, секако, во одреден момент ќе се случи), и најважно, во работата внимателно да ги следат повозрасните колеги, од кои постојано можат да учат за да бидат подобри. Јас сè уште го применувам тоа, кога ќе ми се укаже шанса.

Дипломирате на ФДУ во првата класа на проф. Илија Милчин во 1974, а истата година се вработувате во МНТ… Што значи да се биде дел од првите актери кои учеа, но и работеа со доајените и бардовите на македонското глумиште? Што значи да се биде член на ансамблот на Македонскиот народен театар, пред и да се вработите таму, но и по пензионирањето, во 2009?

Точно, бев дел од првата генерација студенти на ФДУ (тогаш академија), во класата на Илија Милчин, еден од великаните на македонскиот театар, интелектуалец, ерудит и педагог од кого многу научивме и тоа не само за професијата. Тој беше еден од основачите на ФДУ и најзаслужен за вработување на целата класа, дел во МНТ, а дел во Драмскиот театар. Јас се вработив во МНТ и таму останав до пензионирањето, работејќи со најголемите македонски и странски творци. Тоа е привилегија, но и поттик, сериозна обврска да бидеш подобар отколку што си бил вчера. И сега сум повремено вклучен во претставите на националниот театар, што ми претставува и професионално и лично задоволство и ме „подмладува”.

Работевте со бројни режисери како Милчин таткото и синот, Унковски, Станковски, Ставрев, Цветановски, Османли, Миленковски… како сега, од оваа перспектива, гледате на македонскиот театар? И Вие како и македонскиот театар (МНТ) растевте и се развивавте во еден полетен период, полн со ентузијазам?

Во „Сите сме птици“

Не знам колку ќе биде објективен мојот одговор, зашто се работи за театар во кој сум почнал и сум ја завршил својата кариера. Сум учествувал во претстави на други куќи, како и во независни театарски проекти, но најголемиот број улоги сум ги остварил во матичниот театар. Па така, кога го оценувам МНТ, како да се оценувам себеси. Мислам дека и театарот и јас сме имале успешен професионален пат, сме имале подеми и одлични и помалку одлични претстави, заедно и одделно. Јас можам да ја „подвлечам својата црта” со задоволство. На МНТ му посакувам да продолжи да расте, со нови автори, нови режисери, нови ансамбли, но со стариот несмален ентузијазам. Со една добронамерна забелешка – како национална театарска куќа, во својот репертоар треба почесто да ги вклучи класиците на светската драма и да им даде поголем простор на новите македонски автори.

Вашата енергија дозволува да сте присутен на театарската сцена, но и на филмското платно. Што ви претставува предизвик сега, во споредба со претходно? Какви улоги, какви теми на претставите/филмовите?

На ова ми е најтешко да одговорам. Постојано живееме со предизвици, некогаш се работи за туѓи предизвици на кои треба да одговориме, а понекогаш се тоа наши лични желби, тешко остварливи, но многу ни значат, и за кои сме решени да направиме сè за да ги реализираме. Тие нè мотивираат, нè туркаат напред, нè наведуваат да правиме неочекувани работи, но можат и да фрустрираат, особено ако мораш да си признаеш дека нешто не можеш да оствариш. Сум имал секакви професионални предизвици, со различен успех сум се справил со сите. Има и такви што за кои сум посакувал да ми бидат поставени, но тоа не се случило. Со годините, станав помудар за да ги прифаќам нештата помирно, речиси фаталистички. Денес, од оваа перспектива, со сигурност можам да кажам дека нема да жалам ако тука завршуваат моите справувања со предизвиците.

Наташа Илиевска-Таневски, Фото: Ѕ. Плавевски

ИЗДВОЕНИ