Пред само десет години, малкумина можеа да замислат дека ќе игра Роберто Лопес на едно Светско првенство. Денес, дефанзивецот на Капо Верде е еден од хероите на својата земја по историското реми без голови против Шпанија.
Лопес, познат под прекарот Пико, долго време водеше сосема поинаков живот. Додека настапуваше за ирскиот клуб Бохемианс, работеше и како советник за хипотеки во канцеларија.
- Не уживав во таа работа – признава тој, потсетувајќи се на периодот кога фудбалот не беше единственото негово занимање.
Сè се промени во 2017 година, кога доби професионален договор од Шамрок роверс. Тоа му овозможи целосно да му се посвети на спортот и да ја започне најубавата фаза од својата кариера.

Но, уште поневеројатен е патот што го однесе до репрезентацијата на Капо Верде. Тогашниот селектор, Руи Агуас, го контактирал преку „Линкедин“ откако дознал дека неговиот татко има потекло од островската држава.
Лопес првично мислел дека станува збор за спам-порака и ја игнорирал. Девет месеци подоцна, добил нова порака, повторно на португалски јазик.
- Ја преведов на „Гугл транслејт“ и сфатив дека ме покануваат во репрезентацијата. Веднаш прифатив – раскажува Пико.
Своето деби за Капо Верде го имаше во 2019 година и оттогаш е еден од столбовите на тимот.
Последните месеци беа особени за него и на приватен план. Само неколку дена по историскиот пласман на Светското првенство, тој и неговата сопруга Леа го добија синот Диего.
На теренот против Шпанија, Пико уште еднаш покажа зошто е толку важен за својата репрезентација. Заедно со голманот Возиња, беше меѓу најзаслужните за големиот бод, а неговата блокада во самиот финиш на натпреварот спречи сигурен гол на Микел Оразабал.
Од човек што работел во канцеларија и играл полупрофесионален фудбал до херој на Светско првенство – приказната на Пико е доказ дека со упорност и малку среќа, соништата навистина може да станат реалност.











