Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во претседателската резиденција ги прими машката и женската кадетска училишна ракометна репрезентација, кои освоија медали на Светското училишно ракометно првенство што се одржа во Скопје.
Младите ракометари и ракометарки уште еднаш покажаа дека македонскиот спорт има иднина, а нивните успеси беа препознаени и од највисоко државно ниво.
Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, им го честиташе успехот и им се заблагодари за витешката борба и достојното претставување на Македонија на светската ракометна сцена.
„Освоените медали се резултат на истрајна работа, темелна посветеност и исклучителен талент, како и награда за манифестираната способност за рамноправен натпревар со најдобрите училишни селекции во светот, што ве прави најдобри македонски спортски амбасадори.

Ракометот е повеќе од игра – тој е животна филозофија во која се спојуваат дисциплината и страста, умот, вештината и храброста, личниот напор и колективниот дух“, истакна претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, ја истакна важноста на поканата, нагласувајќи дека за младите нема поголема инспирација кога честитките доаѓаат од врвот на државата.
„Неизмерно сме благодарни за укажаната покана и чест. Вашето внимание и присуство што им го посветивте на младите спортисти претставуваат силна потврда дека тие се движат по вистинскиот пат.
Вашите инспиративни и искрени зборови се дополнителен мотив за нив и во иднина да продолжат со посветена работа, да останат верни на спортот и на вредностите што тој ги гради. Спортот е универзален јазик кој обединува и создава мостови меѓу младите.

За нас претставува особена чест што токму Вие го отворивте Светското училишно првенство во ракомет – настан кој доби највисоки оценки од сите учесници, како и од пошироката јавност. Ова признание беше потврдено и од претседателот на Светската училишна федерација, Жељко Танасковиќ, што дополнително ја нагласува успешноста на организацијата и значењето на овој настан за нашата држава.
Ова се моменти кои младите спортисти ќе ги паметат цел живот – моменти што ги обликуваат нивните соништа и ја зацврстуваат нивната љубов кон татковината.“
Федерацијата на училишен спорт на Македонија изразува искрена благодарност до претседателката Сиљановска-Давкова за укажаната чест и поддршката што ја дава на младите спортисти. Ваквите средби претставуваат силен поттик за понатамошен развој на училишниот спорт и дополнителна мотивација за нови успеси на меѓународната сцена.












