„Препратки кон јатки“ е насловот на новата книга на поетесата и преведувачка Весна Ацевска, која претставува избор од поетички и други есеи и осврти на книжевни темелници и современи литературни дела, на кои им се придружени неколку интервјуа со авторката.
Станува збор за книга која посочува, како што вели издавачот „Макавеј“, дека „Постои еден момент во секое читање кога зборот престанува да биде само знак и почнува да зрачи – тој момент Весна Ацевска цел живот го бара, го проучува и го преведува.
– „Препратки кон јатки“ е патување низ илјадници години поезија, од рунските басни на Калевала, преку боговите на Стара Еда, до пустините на Шахнаме и ветерните мелници на Дон Кихот – сѐ додека патеката не нѐ врати дома, кон современата македонска лирика. Ова не е обична збирка есеи, туку интимна карта на еден книжевен ум кој цел живот трага по „изгубеното сјаење на зборот“. За секого што некогаш посакал да разбере зошто пишуваме песни во немирни времиња – овде е одговорот, испишан со страст, ерудиција и невиден увид во тајната алхемија на јазикот, посочува издавачот.
„Препратки кон јатки“ на Ацевска е составена од пет раздели кои опфаќаат четириесетина текстови на 295 страници.












