Харизматичната и виртуозна италијанска пијанистка, Кристиана Пегораро, која настапи завчеравечер на фестивалската програма на 66. „Охридско лето“, во рамките на Италијанската вечер, приреди концерт што долго ќе се памети.

Отворајќи ја вечерта, италијанскиот амбасадор, Паоло Палминтери, истакна дека „Охридско лето“ од година на година достигнува сè повисоко ниво.

– Имајќи предвид дека  „Охридско лето“ е еден од најзначајните културни фестивали во Европа, оваа година имавме чест да ја донесеме извонредната италијанска пијанистка, Кристијана Пегораро, која настапувала на многу слични меѓународни сцени, а имала чест да свири и пред претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела. Програмата што ја изведува вечерва е во согласност со инспиративната тема што ги поврзува сите културни настани организирани од страна на Амбасадата во текот на 2026 година: љубовта во сите нејзини облици – рече италијанскиот амбасадор Палминтери.

Тој упати голема благодарност до претседателката на државава, Гордана Сиљановска-Давкова, која е покровител на „Охридско лето“, за нејзиното присуство на Италијанската вечер, до директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, како и до Италијанскиот институт во Белград за поддршката на оваа традиционална вечер.

Пијанистката Кристијана Пегораро, која „Њујорк тајмс“ ја опишува како „уметница од најголем калибар“, ја започна вечерта со „Largo al Factotum“ од операта „Севилскиот бербер“ на италијанскиот композитор Џоакино Росини, но во нејзин аранжман, како што беа, впрочем, и повеќето дела што ги долови на концертот. Потоа следуваа композиции од Бах, Шуберт, Бетовен, Вивалди, Моцарт, Вебер, па извонредната интерпретација на сплет од наполитански песни, а крајот на вечерта беше во знакот на композициите создадени од самата пијанистка.

– Програмата со која настапувам е наречена „Радоста на музиката“. Музиката е универзален јазик, кој води директно до срцата на луѓето – рече пијанистката Пегораро, која навистина внесе радост кај публиката со своето маестрално музицирање на фестивалското пијано, притоа внимателно воведувајќи ги слушателите во делата што ги свири.

Добитничката на повеќе од 50 меѓународни награди и признанија за својата пијанистичка дејност настапува во најпрестижните концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка, на Блискиот Исток, во Азија и во Австралија.

ИЗДВОЕНИ