Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ги обвини арапските политички партии за изборна измама, откако постигнаа рекордни резултати на парламентарните избори.
Според Ројтерс, Нетанјаху не презентирал докази во поддршка на неговите тврдења за фалсификување на гласовите, додека претставниците на арапските партии ги отфрлиле обвинувањата, велејќи дека Нетанјаху поттикнува нетолеранција и се обидува да ги доведе во прашање резултатите од изборите.
Според прелиминарните резултати, се очекува арапските партии да освојат рекордни 19 места, што значително ќе им го отежни на Нетанјаху и неговите политички противници формирањето влада.
Со пребројани речиси 93 проценти од гласовите, националистичко-религиозниот блок на Нетанјаху има 53 места, додека блокот на десничарски и централно-левичарски партии, предводен од Гади Ајзенкот, освои 48.
Ниеден блок нема потребно мнозинство од 61 место во парламентот со 120 места.
Ајзенкот би можел да се обиде да формира малцинска влада со надворешна поддршка од арапските партии, без нивно учество во владејачката коалиција, иако досега ја исклучи можноста да се потпира на широка поддршка од тие партии.
Еден од лидерите на Арапската заедничка листа, Ахмад Тиби, го обвини Нетанјаху дека предводел организирана кампања насочена кон поткопување на резултатите од изборите и спречување на Ајзенкот да формира влада со поддршка на арапските партии.
Израелските изборни претставници изјавија дека истражуваат наводи за изборни нерегуларности, но дека регуларноста на изборите не била систематски нарушена.
Полицијата уапси најмалку седум лица во јужен Израел од вторник под сомнение за изборна измама.
Претседателот на Централната изборна комисија, Ноам Солберг, побара од домашната разузнавачка служба Шин Бет да истражи сомневања дека неидентификувани странски актери се обиделе да влијаат на изборите.
Партијата Ликуд на Нетанјаху го обвини Катар за наводно мешање во изборниот процес, обвинение што Доха го негираше.
Броењето на гласовите треба да заврши денес, а изборите, на кои ниту еден блок не постигна јасна победа, се очекува да бидат проследени со разговори за формирање влада што би можеле да траат неколку недели.











