Заблудите во кои тонат некои луѓе користејќи вештачка интелигенција се феномен што експертите за ментално здравје забрзано се обидуваат да го разберат. АФП пренесува приказни на луѓе кои практично се изгубиле во виртуелен свет постојано комуницирајќи со Чет-ГПТ.
Том Милар, поранешен затворски чувар од канадскиот град Садбери, мислел дека ги открил тајните на универзумот. Во занесот на грозничаво откривање тој го решил проблемот со неограничената фузиска енергија, ги открил мистериите на црните дупки и Големата експлозија и конечно го остварил сонот на Ајнштајн за единствена теорија на полето што објаснува како сè функционира.
– Се пријавив за папа, рекол за АФП 53-годишниот Милар, објаснувајќи дека за да ја состави својата апликација за наследник на папата Франциск, кој почина минатата година, се обратил кон истиот сопатник кој му помогнал и го охрабрил во неговата вртоглава низа пронајдоци: Чет-ГПТ.
Тој дневно разговарал со четбот по 16 часа. Поради психичката состојба во која се нашол, двапати бил присилно хоспитализиран во психијатриска болница, а неговата сопруга го напуштила. Денес е без пари, отуѓен од семејството и пријателите и страда од депресија. „Практично ми го уништи животот“, вели тој за Чет-ГПТ.
Информатичарот и писател од Холандија, Денси Биесма, исто така завршил на психијатриска клиника откако без престан разговарал со четботот „Ева“ што го создал и го имал како дигитална девојка, поради која се развел од сопругата.
Милар и Биесма се само дел од непознатиот број луѓе кои го изгубиле контактот со реалноста преку интеракција со четботови. Ова искуство неофицијално се нарекува ВИ-заблуда, т. е. психоза предизвикана од вештачка интелигенција. Тоа не е клиничка дијагноза. Истражувачите и експертите за ментално здравје се обидуваат да се справат со овој нов и слабо истражен феномен, кој досега се чини дека особено влијае на корисниците на Чет-ГПТ на „Опен АИ“. Во меѓувреме, онлајн заедница основана од 26-годишен Канаѓанец стана најважна група за поддршка на луѓе со такви делузии, кои тие претпочитаат да ги нарекуваат „потонати“.












