петок, ноември 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Голема екоакција „Заедно за почист Прилеп“

Голема екоакција „Заедно за почист Прилеп“

1

Голема екоакција за чистење на повеќе локации во Прилеп ќе се одржи утре, во организација на Општината, а во соработка со ЈКП „Комуналец“, јавните претпријатија, образовните институции и со општествено одговорни компании.

Акцијата ќе почне во 8:30 часот, со собирање пред НУЦК „Марко Цепенков“, од каде што учесниците организирано ќе се упатат кон локациите предвидени за чистење. Акцентот ќе биде ставен на комплексот кај вештачкото езеро, излетничкото место кај Селце и локалитетот Маркови Кули. Ќе се чистат и повеќе локации на кои има создадено диви депонии, а за отстранување на поголемите количества отпад, ќе биде ангажирана и соодветна механизација.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати повик до граѓаните да ѝ се приклучат на акцијата и заеднички да придонесат за почиста и поздрава животна средина.

– Секој човек, секоја рака и секој исчистен простор значат многу кога работиме заедно – порача Проданоски, нагласувајќи дека во акцијата ќе учествуваат градските институции, основните и средните училишта, јавните претпријатија и голем број компании.

Тој посочи дека не треба да биде ограничена грижата за животната средина само на еден ден и на една акција, туку треба да претставува секојдневна одговорност на сите граѓани.

– Прилеп не го чистиме само во еден ден. Чист Прилеп бара одговорност секој ден, да не создаваме отпад, да не оставаме диви депонии зад себе и да се грижиме за местата што ни припаѓаат на сите – истакна градоначалникот.

Од Општина Прилеп ги повикуваат сите граѓани што имаат можност и желба да се вклучат во екоакцијата и со личен придонес да помогнат во создавањето почиста животна средина.

Инаку и паркот пред спортската сала „Македонија“, со скејт-паркот, доби целосно нов лик. Просторот кој некогаш претставуваше запуштена ливада, сега е уредено, современо и атрактивно катче, наменето за сите генерации.

Со заеднички ангажман на Општина Прилеп и на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, реализирана е комплетна рехабилитација и уредување на просторот, со цел создавање пријатна и функционална урбана целина.

Во рамките на активностите е поставено ново осветлување, инсталирана е водоводна мрежа, поправена и бојадисана е урбаната опрема, а целосно е реновирана и фонтаната, која повторно ќе биде украсен белег на овој простор.

– Особено место во уредувањето има и скејт-паркот, кој им овозможува на младите простор за спорт, дружење, рекреација и за активно поминување на слободното време – информираат од ЈЛП „Комуналец“ – Прилеп.

Од претпријатието ги замолуваат граѓаните, особено младата популација, да не го користат скејт-паркот за пишување графити, да го чуваат чист и уреден.

 

ИЗДВОЕНИ