Археолошките истражувања на локалитетот Исар – Марвинци кај Валандово донесоа исклучителни резултати, кои значително ги прошируваат досегашните сознанија за урбаниот развој, архитектурата и секојдневниот живот во античкиот град.
Годинашните истражувања, реализирани од Националниот археолошки музеј, беа насочени кон истражување на дел од комплексот на јавната градска бања од римскиот период. Досегашните археолошки сознанија укажуваа на постоење бањски простор со ладна вода. Меѓутоа, најновите откритија потврдуваат дека по II век од н. е. комплексот располагал и со простор за капење со топла вода, опремен со развиен систем за загревање.
– Едно од најзначајните откритија е монументален базен со димензии поголеми од 4,5 × 2,5 метри и длабочина над 1,5 метри. Неговата конструкција е изведена со специјален водоотпорен малтер, врз кој била поставена мермерна облога изработена од повеќе од осум различни видови мермер. Особено внимание привлекува и застаклувањето на мермерните површини, кое претставува дополнителен показател за вниманието посветено на завршната обработка и естетскиот изглед на просторот, соопштуваат од Археолошкиот музеј.

Додаваат дека особено е значајно откривањето на исклучително добро зачуваниот систем за загревање под базенот, кој функционирал преку посебна печка и систем за циркулација на топол воздух. Овој наод овозможува непосредно проучување на техничките и инженерските решенија применувани во римската бањска архитектура. Откриениот комплекс е директно поврзан и со градската цистерна, што отвора нови можности за истражување на водоснабдувањето и инфраструктурната организација на античкиот град.
Исклучителната зачуваност на архитектурата, пак, претставува една од најголемите вредности на откритието.
– Просторот се наоѓа на длабочина од околу седум метри под денешната површина, а неговите сочувани конструктивни елементи овозможуваат ретка можност за проучување на римскиот бањски комплекс во неговиот оригинален архитектонски контекст. Квалитетот на градбата, внимателно изведената хидроизолација, разновидноста на мермерните облоги, нивната завршна обработка и сложеноста на системот за загревање укажуваат на значителни вложувања во јавната инфраструктура. Овие откритија дополнително го потврдуваат економското и урбаното значење на градот на Исар во римскиот период, истакнуваат од Археолошкиот музеј.

Истражувањата открија и сведоштва за подоцнежните фази на користење на просторот. Над бањскиот комплекс се регистрирани остатоци од печка/топилница за железо и стакло, датирана во IV – V век, како и дел од објект со претпоставена воена функција. Овие наоди укажуваат на промените во намената на просторот во текот на доцната антика, кога делови од некогашниот јавен комплекс добиле поинаква функција.
Исклучителни движни археолошки наоди
Покрај монументалната архитектура, овогодишните истражувања донесоа и особено значајни движни археолошки наоди. Меѓу нив се издвојува сребрена монета на Ихнајците, датирана околу 500–480 година пр. н. е., која претставува исклучително ран и значаен нумизматички наод. Нејзиното откривање е особено важно за проучувањето на постарите историски хоризонти на локалитетот. Откриени се и бронзени монети од хеленистичкиот и римскиот период, меѓу кои монета од Пела, датирана во периодот 187/186–168/167 година пр. н. е., со претстава на Пан на аверсот, како и монета на Марк Аврелиј од емисиите на Македонскиот којнон, датирана меѓу 161 и 180 година. Посебно внимание привлекуваат мермерна биста со претстава на воен командант, фрагменти од мермерни скулптури, архитектонска камена декорација и разновидни мермерни облоги.
Меѓу значајните откритија е и епиграфски споменик изработен од син мермер, со посветен натпис кој, според првичните согледувања, би можел да се поврзе со обнова на комплексот или со донаторска активност поврзана со неговата изградба.
Неговото понатамошно проучување се очекува да обезбеди дополнителни податоци за историјата на објектот.












