Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на ставовите на СДСМ дека „Алта банка“ ќе пропадне и дека во банката нема кеш, изјави дека „можеби треба да се внимава на сите оние пораки коишто доаѓаат од опозициската СДСМ“.
-Искуството досега вели дека, без исклучок, сѐ е невистина. Тргнете наназад од тоа дека ќе банкротираме, преку мигрантите, па сѐ до овој случај на „Алта банка“. Јас сум свесен дека кај нив Фројд работи дури и додека сонуваат и се обидуваат овие хорор-соништа, коишто ги сонуваат, да ги пренесат на граѓаните, но имам чувство, честопати се повикувам и на моите чувства, дека нивниот сон нема да биде и реалност, односно јаве – потенцира Мицкоски.
Тој истакна дека сработеното во изминатиов период ќе резултира со нов сопственик на Стопанска банка Битола и дека сѐ ќе биде онака како што треба.
– Впрочем, доказ за тоа е и континуираното ослободување од мерките коишто беа применети на самиот почеток. И дали имало или нема кеш, јас ве повикувам да појдете во некои од филијалите, да ги прашате граѓаните коишто одат таму и коишто подигнуваат тоа што им припаѓа, да ги прашате нив дали има кеш или нема кеш. Јас не можам да одговорам, бидејќи немам сметка во Стопанска банка Битола – рече Мицкоски.












