Фокусирана на реформската агенда, но и подготвена за избори е македонската Влада во овој период, кога сè повеќе се вжештува политичката битка меѓу власта и опозицијата. Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека до крајот на следниот месец речиси целосно ќе бидат исполнети главните обврски од реформската агенда. Но, истовремено кажа дека неговата владејачка партија и Владата во целина се целосно подготвени за избори, кога и да се случат.
– ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена за избори. Нашата цел е оваа година да се фокусираме на испораката поврзана со реформската агенда. Тоа го правиме. Утрово имавме координативен состанок со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и проширување при Европската комисија, Герт Јан Копман, и состанокот беше исклучително плоден. Како резултат на тоа, ќе има испорака, која од дното што го наследивме ќе нè доведе до рамо со рамо на фронт ранер. И добро е тоа и ќе продолжиме во таа насока. Извештајниот период, кој завршува со крајот на јуни, сакаме да го завршиме со ниво 9,5, што ќе претставува исполнетост на обврските од 95 проценти, нешто што никој досега не го направил – рече премиерот.
Во текот на состанокот беа разгледани напредокот во спроведувањето на приоритетните реформи, динамиката на исполнување на реформските чекори и меѓуинституционалната координација во рамките на Механизмот за реформи и раст. Беше нагласено значењето на продолжувањето на реформите во областа на владеењето на правото, јавната администрација, управувањето со јавните финансии, дигиталната трансформација и економскиот развој, како дел од процесот на европска интеграција на државата.
Тој додаде дека се подготвени за исполнување на реформите, но и за изборите.
– Како Влада сме за тоа да имаме редовни парламентарни избори, кои ќе се случат напролет 2028 година. Но, како ВМРО и како Влада сме подготвени во секое време да имаме парламентарни избори и да победиме на тие избори – потенцира македонскиот премиер.
Ќе се заврши и Изборниот законик
Тој неодамна ја крена политичката температура во земјава откако изјави дека „набрзо ќе има избори“ во земјава. Потоа објасни дека „сака да има редовни избори наполет 2028 година“, но не беше дециден дека нема да се случат избори во 2027 година, туку само кажа дека „ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена да оди на избори и да победи“. Со тоа, темата за можни предвремени парламентарни избори стана отворена и со постојано секојдневно споменување во политичките конфронтации. Сега, премиерот Мицкоски најави дека во скоро време ќе бидат готови и измените во Изборниот законик и покрај тоа што не учествува опозицискиот СДСМ во нивното изготвување.
– Изборниот законик е еден од оние закони за кои е можен филибастерингот. Кога ќе влезе во Собранието, СДСМ, ако одлучи да не го гласа, може и да направи филибастеринг и да го спречи носењето на Изборниот законик, бидејќи тој е еден од оние седум-осум закони каде што е уште можен филибастеринг. Од наша страна, ние ќе го подготвиме, ќе постои консензус на сите политички партии, минус СДСМ. Подготвени сме и со СДСМ да постигнеме консензус во оној момент кога ќе се вклучи. Ако има волја, има и начин да се заврши процедурата – рече премиерот.
Носењето на Изборниот законик, познато е, е една од клучните претпоставки за одржување на изборите. Работната група, на последната седница, договори измена на десетина члена. Но, таа сè уште не дошла до клучната дилема дали консензуално ќе се договори промената на изборниот модел.
Лидерката на опозициската ЛДП, Моника Зајкова, ни изјави дека се договорени првичните промени врз основа на забелешките на ОБСЕ и ОДИХР.
– Но, клучно ќе биде дали ќе се постигне договор за воведување само една изборна единица и на отворени изборни листи, а на што ние и повеќе други партии инсистираме. Тогаш ќе се види дали има консензус или не – изјави Зајкова за весникот ВЕЧЕР.
Прексиноќа, и лидерот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека во овој момент на Македонија ѝ се потребни политичка стабилност, институционална функционалност и целосен фокус кон економијата, инвестициите и реалните потреби на граѓаните.
– Дали ќе бидат изборите следната година, редовни или утре, ние сме подготвени активно да учествуваме, бидејќи тоа претставува контрола и проверка за нас, како нов политички субјект – како се движиме во политичкиот простор и колку сме реализирале од она што сме го ветиле пред граѓаните. Ние немавме голем број ветувања на претходните парламентарни избори и сè уште исклучиво се држиме до сите наши ветувања. Но, потребно е прагматично да се анализира што би добила државата, а што би загубила со евентуални предвремени избори – порача претседателот на ЗНАМ во телевизиско интервју.
Партиски пресметки во рафали
Во меѓувреме, политичките конфронтации на релација меѓу најголемите партии од власта и од опозицијата стануваат сè пожестоки. Од опозициската партија СДСМ вчера упатија обвинувања кон владината коалиција.
– Најголемиот бугарофилски колектив во историјата на Македонија денес се наоѓа токму во редовите на тендер- коалицијата ВМРО – ЗНАМ. Половина од оваа тендер-коалиција има бугарски пасоши. Министри, пратеници, директори, функционери – сите со црвени пасоши на ЕУ, а глумат лажни патриоти пред народот. Ним не им одговара европска и правна држава. Им одговара изолирана, слаба и корумпирана Македонија, во која криминалната мрежа на ВМРО-ОКГ ќе продолжи да краде, а граѓаните ќе живеат со ниски плати, сиромаштија и понижувања на границите – соопштија од СДСМ.
Премиерот Мицкоски, пак, рече дека неговата партија е промакедонска и оти тоа е нејзин главен приоритет.
– СДСМ го загубил својот идентитет и начин на дејствување и партијата наскоро ќе се соочи со тој проблем, на избори. Не можам да го коментирам тоа зашто утре нешто друго ќе речат. Претпоставувам, ќе измислат некоја друга придавка. Раководството на СДСМ, генерално, секој ден кажува работи што прво се некултурни, а второ, тоа што го соопштуваат во јавноста во текот на денот неколкукратно го менуваат. Претпоставувам до вечер ќе бидеме некоја друга „филска партија“. Ние сме промакедонска партија и нас нè интересира тоа. Тоа што тие го загубија својот идентитет е нивни проблем, со кој многу скоро ќе се соочат на избори – кажа Мицкоски. (Б. Ѓ.)












