Шпанија нема да се откаже од својата посветеност кон меѓународното право, и покрај зголемените критики од САД за одбивањето да дозволат нејзините воздухопловни бази да се користат за војна во Иран, изјави министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарес за Политико.
„Бевме една од ретките земји што испратија војници да им помогнат на САД во нивната независност“, се присети Албарес. Тој додаде дека Шпанија сака да ги одржи своите односи со Вашингтон врз основа на тие причини, но нема да ги компромитира своите принципи, рече Албарес.
„Ние се држиме до нашите вредности и ги штитиме интересите на нашите граѓани. Тоа е она што ме движи“, рече министерот во интервју од официјалната резиденција на шпанскиот министер за надворешни работи, палатата Вијана.
Коментарите доаѓаат во време на затегнати односи меѓу Мадрид и Вашингтон. Шпанија им забрани на американските воени авиони влез во своите бази бидејќи се противи на војна во Иран. САД одговорија со закани за трговски санкции, повлекување на трупите и можна суспензија од НАТО. Претседателот Доналд Трамп претходно ја критикуваше шпанската влада, нарекувајќи ја „ужасна“ што не дозволила користење на базите Морон и Рота за напад врз Иран. Албарес одговори дека секое користење на базите мора да биде во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.
„Ова е еднострана војна“, нагласи Албарес, додавајќи дека сојузниците на НАТО не биле консултирани за плановите на САД. „Не знаеме што се случува, ниту Шпанија ниту другите земји. Затоа мора да ги заштитиме интересите на нашите граѓани“, рече тој.
Од друга страна, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави дека Трамп не сака САД да бидат третирани неправедно и „експлоатирани од сојузниците“.
Шпанија, под премиерот Педро Санчез, стана аутсајдер во рамките на ЕУ во однос на Блискиот Исток, барајќи посилни критики кон Израел и осудувајќи ги американско-израелските акции против Иран. Албарес верува дека шпанските позиции стануваат сè повлијателни во ЕУ.
Тој ја повикува ЕУ да развие свои воени капацитети и одбранбена стратегија, нагласувајќи дека ова не треба да се гледа како слабост на НАТО.
„САД ја зајакнуваат својата армија и никој не мисли дека тоа го ослабува НАТО“, заклучи Албарес.












