Европските лидери денеска се состануваат во Даблин во обид да ги надминат сè подлабоките поделби околу тоа кој треба да ја претставува Европската унија во преговорите за ставање крај на војната во Украина. Иако меѓу земјите членки постои консензус дека Европа мора да има свое место на преговарачката маса, постигнувањето договор за тоа кој ќе зборува во нејзино име станува сè потешко, пренесува „Политико“.
Додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги засилува дипломатските напори за посредување во договор меѓу Москва и Киев, европските нации стравуваат дека повторно би можеле да бидат оставени на маргините – како што се случи за време на неодамнешните дводневни разговори во Абу Даби, на кои учествуваа претставници од Русија, Украина и САД.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во четвртокот во Даблин се сретна со околу педесет европски и други светски лидери, предупреди дека Русија се обидува да го промени безбедносниот поредок на континентот и ги повика европските влади да заземат поактивна улога во преговорите.
Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер – кои претходно се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва – пристигнаа во ирскиот главен град за да го информираат Зеленски за исходот од тие разговори.
Според „Политико“, меѓу земјите членки на ЕУ се издвоија три различни табори. Едниот го поддржува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вториот, предводен од Франција и Германија, инсистира главните европски сили да задржат директно учеств, додека третиот – составен главно од балтичките држави – се залага водечката улога да ја преземе шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Кошта во моментов се наметнува како најприфатливо решение, бидејќи неговата улога подразбира претставување на лидерите на земјите членки, а тој исто така поседува искуство како поранешен премиер на Португалија. Тој доби поддршка од естонскиот премиер Кристен Михал, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и од лидерите на Луксембург и Полска.
Калас, сепак, предизвикува поделени реакции поради нејзиниот исклучително тврд став кон Москва. Додека некои дипломати сметаат дека поради тоа таа би била неприфатлива за руската страна, нејзините поддржувачи тврдат дека токму тој пристап би можел да биде предност.
„Ова е шега, нели?“ …забележа еден европски дипломат во врска со можноста таа да ги предводи преговорите, опишувајќи ја како „веројатно најлошата личност што би можеле да ја изберат“.
Михал смета дека Кошта треба да биде главен претставник на ЕУ, а Калас да дејствува како негов заменик. „На Путин не мора да му се допадне тоа“, изјави естонскиот премиер.
Најсилниот отпор кон предлогот европските институции да преземат ексклузивна улога во преговорите се очекува од Париз и Берлин. Германскиот политичар Фридрих Мерц изнесе став дека постојниот формат на разговори – во кој учествуваат Германија, Франција, Обединетото Кралство, Италија и Полска – треба да се задржи.
„Не гледам апсолутно никаков проблем во тоа работите да останат такви какви што се“, изјави Мерц.
Франција, исто така, не е подготвена да се откаже од своето место на преговарачката маса, повикувајќи се на својот меѓународен углед и воена моќ. Париз е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и единствената држава во ЕУ што поседува нуклеарно оружје. Естонскиот премиер смета дека големите европски држави може да продолжат со одделни разговори со Москва, но дека ЕУ мора да настапува со единствен глас за прашањата што го засегаат целиот континент.
Малку е веројатно дека формалното именување на преговарачите ќе биде финализирано на денешната средба, иако лидерите би можеле да постигнат поширок договор за тоа како ќе се застапуваат европските интереси.
Сепак, Зеленски предупредува дека времето истекува и инсистира одлуката да се донесе што е можно поскоро.
„Сметам дека во текот на ноември – најдоцна дотогаш – мораме да одлучиме кој ќе ја претставува Европа во преговорите“, изјави украинскиот претседател.












