Министерката за образование и наука Весна Јаневска е во официјална посета на Јапонија, каде што остварува средби со високи државни претставници, раководители на научни институции и претставници на академската заедница. Во фокусот на разговорите се продлабочувањето на билатералната соработка, модернизацијата на образованието и отворањето нови можности за македонските студенти и универзитети.
Една од клучните теми на средбата со јапонскиот министер за образование, култура, спорт, наука и технологија, Јошихиро Секи, била можноста Јапонија да обезбеди поддршка за основање центри за извонредност во Македонија.
Јаневска ја истакнала важноста на досегашната јапонска поддршка, особено во делот на стипендирањето македонски студенти на престижни јапонски универзитети, како и техничката модернизација и опремувањето на училиштата.
„Верувам дека дел од идеите за кои денес разговаравме наскоро ќе прераснат во конкретни проекти и активности“, порачала Јаневска на средбата во јапонското Министерство за образование.
Подобрувањето на квалитетот на наставата и развојот на критичкото и креативното размислување кај учениците биле во фокусот и на посетата на Националниот институт за образовни политики на Јапонија. На средбата со генералната директорка Мизуе Шиоми биле разменети искуства за наставните методологии, како и за подготовката на учениците за меѓународното ПИСА-тестирање, на кое Јапонија традиционално постигнува високи резултати.
Нови можности за партнерство биле разгледани и на средбата со парламентарната заменик-министеркa за надворешни работи, Икуина Акико. Таа најавила дека Јапонската организација за надворешна трговија (JETRO) и Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) ќе продолжат да работат на идентификување и развивање нови форми на соработка.
Посебно внимание привлекува и средбата на Јаневска со претседателот на Универзитетот во Токио, проф. д-р Теруо Фуџи. На разговорите биле разгледани можностите за поинтензивна соработка со македонските универзитети, заедничко учество во програмата „Хоризонт Европа“, размена на професори, научници и студенти, како и воспоставување нови академски партнерства.
Во рамки на посетата, министерката остварила средби и во македонската амбасада во Токио, заедно со вршителката на должност амбасадор, Кристина Стојчевска. На средбите присуствувале и поранешниот јапонски амбасадор во Македонија, Казуја Оцука, македонски студенти, како и ученици од јапонско училиште кои го изучуваат македонскиот јазик.
Посетата на Јаневска во Јапонија отвора можности за нови образовни и научни партнерства, размена на знаења и искуства, но и за поголемо меѓународно поврзување на македонските универзитети. Дали разговорите ќе резултираат со конкретни проекти, особено во делот на центрите за извонредност, останува да се види во наредниот период.












