Во просек, во Македонија секој ден се пријавуваат најмалку три кривични дела поврзани со семејно насилство, покажува анализата на Министерството за внатрешни работи презентирана денеска на брифинг со министерот Панче Тошковски. Само во првите десет месеци од годинава се регистрирани 1.897 настани, наспроти 1.125 во истиот период лани, што претставува зголемување од над 70 проценти.
Од МВР информираат дека 95 проценти од пријавените настани се однесуваат на телесна повреда при семејно насилство и загрозување на сигурноста. Поднесени се 1.450 кривични пријави за 1.489 кривични дела, што е за 50 проценти повеќе од лани. Според Тошковски, зголемувањето делумно се должи на законската можност полицијата по службена должност да постапува за телесни повреди при семејно насилство, но и на поголемата подготвеност на жртвите да го пријават насилството.
– Клучно е што жртвите на семејно насилство сè повеќе пријавуваат. Не трпат, веднаш пријавуваат – рече Тошковски.
Податоците покажуваат дека расте и бројот на преземени мерки. Во првите десет месеци се поднесени 153 кривични пријави по брза постапка, а притвор е определен за 163 сторители, што е зголемување од 270 проценти во споредба со лани. Изречени се и мерки на претпазливост и итни мерки за отстранување на сторителот и забрана, за вкупно 167 лица.
Петгодишната анализа на МВР, од 2021 до 2025 година, евидентира 5.699 сторители на семејно насилство. Над 91 процент се мажи, а околу 300 се жени. Од вкупно 5.890 жртви, 4.658 се жени. Жените најчесто биле нападнати во својство на сопруги, потоа како партнерки во вонбрачна заедница и како мајки.
Особено загрижувачки е податокот за децата. Во последните пет години, во просек годишно околу 100 деца до 17-годишна возраст биле жртви на семејно насилство. Годинава, пак, се регистрирани седум фемициди.
Тошковски порача дека борбата против семејното насилство не може да биде само обврска на полицијата, туку мора да стане општествен приоритет, со вклучување на сите институции, медиумите и граѓаните.
– Убеден сум дека ако сите се фокусираме на ова зло, темната бројка ќе паѓа, а светлата бројка ќе расте – рече министерот.
На брифингот беше најавено и законско решение со кое полицијата би добила пошироки овластувања за побрза заштита на жртвите. Предлог-законот за спречување и заштита од семејно насилство, подготвуван седум месеци, е усогласен во работна група и доставен до пратениците.
Една од предвидените новини е можноста полициски службеник на лице место да изрече усна наредба за итно отстранување на потенцијалниот сторител од домот во траење од 48 часа, без оглед дали тој е сопственик на имотот. Мерката би се применувала кога полицијата ќе утврди основано сомневање за сторено семејно насилство. МВР во рок од шест часа треба да го извести судот, кој потоа одлучува за натамошното постапување.
Предвидена е и процена на ризикот од страна на полициските службеници, како и примена на електронски алки за следење на сторителите.












