Програмата за лојалност „Flying Blue“, управувана од „Air France“ и „KLM“, е прогласена за најдобра во Европа и во светот за 2026 година – трета година по ред – според истражувањето на платформата за пребарување на патувања со награди, „Point.me“.
Во студијата беа оценети над 30 програми за лојалност на авиокомпании, при што се анализираа фактори како што се вредноста и леснотијата на собирање поени, процесот на нивно искористување за летови, достапноста на места за наградно патување, партнерствата со други авиокомпании, политиките за промена на резервациите и квалитетот на корисничката поддршка, пренесува „Euronews“.
„Flying Blue“ освои 88,8 од можните 100 поени, благодарение на едноставниот процес на собирање и искористување на наградните милји, широката достапност на летови што можат да се резервираат со поени, како и можноста за пренос на поени од различни партнерски програми.
„British Airways Club“ го зазеде второто место меѓу европските програми со 71,3 поени, додека третото место му припадна на „Virgin Atlantic Flying Club“ со 70 поени.
„British Airways Club“ падна од шестото на осмото место на глобалната листа, и покрај предностите на програмата „Avios“, која овозможува релативно лесно собирање поени.
„Virgin Atlantic Flying Club“ исто така забележа пад на глобалната ранг-листа, спуштајќи се од четвртото на деветтото место. Програмата доби позитивни оценки за поволните стапки на искористување на поените, можноста за привремено задржување на резервацијата („on hold“) и можноста за пренос на поени од партнерски програми. На четвртото место во Европа се наоѓа „Aer Lingus AerClub“ со 65,6 поени, по што следуваат „Iberia Club“ со 65, „Turkish Airlines Miles&Smiles“ со 64,4 и „Finnair Plus“ со 60 поени.
„Aegean Miles+Bonus“ со 58,1 поени, „Lufthansa Miles & More“ со 55 и „TAP Miles&Go“ со 53,8 поени се најдоа меѓу десетте најдобро оценети европски програми.
На глобалната ранг-листа, зад програмата „Flying Blue“, „United MileagePlus“ го зазеде второто место со 85 поени, додека „Air Canada Aeroplan“ се најде на третото место со 82,2 поени. Следуваат Atmos Rewards, заедничка програма на Alaska Airlines и Hawaiian Airlines, со 80,9 поени, American Airlines AAdvantage со 80,6 и Qatar Airways Privilege Club со 72,5 поени.
Меѓу првите десет во светот се наоѓаат и JetBlue TrueBlue, British Airways Club, Virgin Atlantic Flying Club и Cathay Pacific Asia Miles.












