Со предложениот ребаланс на Буџетот за 2026 година, се обезбедуваат дополнителни 1,4 милијарди денари за земјоделските субвенции, 1,3 милијарди денари за социјални надоместоци и околу 500 милиони денари за студентскиот и ученичкиот стандард, истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Вкупните капитални инвестиции достигнуваат околу 46 милијарди денари и бележат пораст од 14,5 % во однос на првичниот буџет. Владата, според министерката, со ребалансот го засилува инвестицискиот циклус и насочува повеќе средства кон општините, инфраструктурата и развојните проекти. Димитриеска-Кочоска пред пратениците на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, нагласи дека фокусот останува на фискалната дисциплина и на стабилниот економски пораст

 

Предлог-измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година денеска беа разгледани на седница на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, каде што пред пратениците експозе имаше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа образложи дека предложениот ребаланс претставува усогласување на фискалната политика со новите економски движења, при што се нагласува континуитетот на економската стабилност, развојот и одговорното управување со јавните финансии.

Во своето обраќање, министерката истакна дека измените не се резултат на фискални проблеми, туку на адаптација кон економските услови.

– Најважно и клучно е дека измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година што денеска го претставувам пред вас и јавноста не произлегуваат од недостиг на приходи или од нарушена ликвидност на Буџетот. Напротив. Овој ребаланс е резултат на потребата да ги усогласиме буџетските проекции со новите економски услови, да обезбедиме дополнителни средства за законските обврски што значат редовна и целосна исплата на платите во секторите, каде што обезбедивме пораст, повеќе средства за дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините и, она што има најважна карактеристика за овој Ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус во инфраструктурата – рече министерката.

Таа додаде дека глобалната економска неизвесност и геополитичките случувања имаат влијание врз буџетските текови, поради што се прави и приспособување на макроекономските и фискалните проекции, особено на расходната страна.

– Ребалансот на Буџетот не претставува само техничка измена на бројки, зад тоа стојат политики кои Владата ги насочува кон поддршка на економијата и на граѓаните. Тој претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. А особено во услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но истовремено и да ги искористиме можностите што се отвораат – наведе министерката.

Со предложениот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 379,5 милијарди денари, додека расходната страна достигнува 425,8 милијарди денари. Даночните приходи остануваат стабилни, додека пораст бележат неданочните приходи и донациите. Посебен акцент е ставен на социјалната компонента, земјоделството, образованието и здравството, како и на зголемените капитални инвестиции.

– Првпат, корекцијата на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, односно зборуваме за дефицит кој ќе финансира развој, а ќе резултира со зголемување за 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари или на 4,1 % од БДП. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните што ќе остане принцип на работа на оваа Влада – нагласи Димитриеска-Кочоска.

Во рамки на ребалансот се предвидува и прераспределба на средства, при што се намалуваат расходите за стоки и услуги, а се зголемуваат капиталните инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари. Министерката нагласи дека Владата останува доследна на фискалната дисциплина и навремената исплата на сите законски обврски, при што ребалансот се гледа како инструмент за поефикасно управување со јавните средства.

Во експозето таа посочи дека реализацијата на капиталните расходи бележи значителен пораст во однос на претходната година, што, според Димитриеска Кочоска, е показател за засилена инвестициска динамика. Министерката порача дека Буџетот претставува клучен стратешки документ на државата и основа за економската политика:

– Платформа за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, што обезбедува стабилност на јавните финансии, но истовремено создава услови за повеќе инвестиции, поголема економска активност и подобар животен стандард за граѓаните – истакна таа.

Расправата за ребалансот продолжува во Комисијата, каде што се поднесени 226 амандмани, а работата по предлог-измените може да трае до десет дена.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ