Економската одржливост, стабилноста, потребата од засилена соработка меѓу државата и бизнис-заедницата во услови на глобални економски предизвици и регионалната соработка остануваат клучни столбови за идниот развој на македонската економија. Ова беше кажано на економскиот форум што се одржа денеска, а вниманието на јавноста беше насочено кон двете клучни обраќања што ја отворија дебатата за идниот развој на македонската економија: говорите на премиерот Христијан Мицкоски и на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Во своето обраќање, премиерот Мицкоски нагласи дека денешните економски политики мора да се темелат на долгорочна визија и на одговорно управување со ресурсите, при што посочи дека одржливоста веќе не е само декларативен поим туку и суштинска економска потреба.
– Денешниот форум е многу повеќе од уште една конференција посветена на економијата. Тој е можност да разговараме за тоа како ја гледаме иднината на нашата држава и каква економија сакаме да изградиме во годините што доаѓаат – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека во современи услови, одржливоста станува предуслов за конкурентност, а не избор, нагласувајќи дека „во такви услови, одржливоста престанува да биде избор, таа станува предуслов за конкурентност“. Во обраќањето, премиерот се осврна и на економските показатели, посочувајќи дека во последните години има забрзување на растот, стабилизација на инфлацијата и подобрување на платите.
– Во 2024 година, економијата порасна за 3 %, во 2025 година за 3,5 %. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на враќањето на довербата, а најважен показател е дали живеат луѓето подобро – потенцира премиерот.
Мицкоски истакна дека Владата ќе продолжи да делува како партнер на стопанството, преку создавање стабилна деловна клима, модерна инфраструктура и поддршка за инвестиции, при што нагласи дека целта е „да изградиме држава во која успехот нема да зависи од привилегии, туку од знаење“.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во своето обраќање испрати порака дека бизнис-заедницата очекува поотворени граници, поголема регионална соработка и доследна примена на европските стандарди.
– Бизнисот бара отворање на границите, натамошна борба против корупцијата и сивата економија, гасификација, поддршка на извозот, како и континуитет на правните прописи – истакна Азески.
Тој додаде дека регионот мора да се движи кон поголема интеграција и координација, нагласувајќи дека „регионот мора многу повеќе да соработува и да ги почитува европските вредности“.
Според него, иако е постигнат напредок во изминатите години, сè уште постојат клучни области за реформи.
– Она што недостига е платформа за темелни вредности од кои нема да се откажеме по ниту една цена. Имплементацијата на платформата треба да достигне највисоко ниво, зашто претставува основа за развој на демократските вредности кон кои сите се стремиме – истакна Азески и посочи дека во изминативе 32 години не можело да се излезе без сериозни последици од енергетска, финансиска и тешка здравствена криза и истовремено да се реформира системот.
Според него, нема враќање назад и треба да се чекори кон нови вредности, со вклучување на сите општествени чинители (МАНУ, универзитетите, невладиниот сектор) во процесот на креирање стабилна економска средина и за фирмите, и за граѓаните, и за државата.
(С. Бл.)












