сабота, октомври 3, 2026
Дома БАЛКАН По шест децении во Грција, останките на цар Самуил пристигнаа во Софија:...

По шест децении во Грција, останките на цар Самуил пристигнаа во Софија: Пречек со борбени авиони и топовски плотун/ВИДЕО

0

Посмртните останки што му се припишуваат на цар Самуил денеска беа пренесени од Грција во Бугарија, по повеќедецениски преговори меѓу Софија и Атина. Во бугарската престолнина беше организиран свечен државен пречек со воени почести, борбени авиони и почесен артилериски плотун.

Останките беа официјално предадени на бугарската страна на церемонија во Музејот на византиската култура во Солун, во присуство на бугарскиот премиер Румен Радев и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Оттаму беа пренесени со воен транспортен авион кон Софија, а по влегувањето во бугарскиот воздушен простор авионот беше придружуван од борбени авиони МиГ-29 и Ф-16 на бугарското Воено воздухопловство.

На централниот плоштад „Кнез Александар I“ во Софија беше организирана државна церемонија, на која присуствуваа илјадници граѓани и претставници на бугарскиот политички врв. Беше интонирана бугарската химна, а во чест на средновековниот владетел беше испукан почесен плотун од 21 истрел.

Потоа останките беа однесени во црквата „Света Софија“, каде што беа положени во бел мермерен саркофаг.

„Повеќе од илјада години по неговиот живот и историско дело, цар Самуил се враќа кај својот народ за засекогаш да остане во Бугарија“, порача бугарскиот патријарх Даниил.

Цар Самуил владеел од 997 до 1014 година, а центарот на неговата држава бил во поширокиот простор на Преспа и Охрид. Водел долготрајни војни со Византиското Царство и починал во 1014 година, непосредно по тешкиот пораз на неговата војска во битката кај Беласица.

Останките што му се припишуваат на Самуил биле откриени во 1965 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос при археолошки истражувања во базиликата „Свети Ахил“ на островот Агиос Ахилиос во Мала Преспа, на територијата на денешна Грција.

Идентификацијата на останките како Самуилови се темели на археолошките и историските околности на наодот, но не постои генетска потврда дека тие навистина му припаѓаат на средновековниот владетел.

Предавањето е резултат на договор меѓу Бугарија и Грција постигнат по повеќедецениски разговори. Како дел од договорот, Бугарија ѝ враќа на Грција 48 црковни и културни предмети од грчки манастири и цркви, кои биле однесени за време на Првата светска војна.

„Тоа се предмети што им припаѓаат на двата наши народа, тие го сочинуваат нашето сеќавање и нашата поврзаност. Ако во минатото цар Самуил нè делеше, можам да кажам дека денес нè обединува“, изјави Радев на церемонијата во Солун.

Грчкиот премиер Мицотакис, пак, го поврза договорот со поширокото прашање за враќање на културното наследство во земјите од кои потекнува. Тој изрази надеж дека договорот со Бугарија ќе биде дополнителен аргумент во долгогодишното барање на Атина за враќање на мермерните скулптури од Партенон, кои се наоѓаат во Британскиот музеј.

„Спомениците и историските богатства не треба да се сметаат за воен плен ниту за последица на околностите што настанале по нивното создавање“, порача Мицотакис.

Со денешната церемонија заврши повеќедеценискиот спор околу физичкото чување на останките што му се припишуваат на цар Самуил, кои повеќе од шест децении се наоѓаа во Грција.

ИЗДВОЕНИ