Нова кривична постапка се отвора против Дејан Јованов-Деко, првообвинет во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и нови 30 дена затворски притвор, но не во Куманово, туку во истражниот во Шутка. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против Јованов за кривичното дело давање поткуп. Обвинителството го сомничи дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, иако, според истрагата, објектот не ги исполнувал законските услови. Според ОЈО ГОКК, Јованов воопшто не поднел барање за лиценца, но, сепак ,преку поткупот сакал да добие документ со кој ќе му биде овозможено да работи.
– Осомничениот дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да изврши службено дејство што не смеел да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека неговиот објект не исполнувал законски услови – соопшти Обвинителството.
За ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до десет години. Во текот на денешниот ден, ОЈО ГОКК достави до Основниот кривичен суд Скопје предлог за определување притвор, образложувајќи дека постои опасност од бегство, а судија на претходна постапка го прифати и Јованов не излегува од затвор, нешто што, ако немаше нова истрага против него, требаше да се случи поради истекување на законскиот рок од обвинението за пожарот.
– Притворот е определен поради постоење на основите предвидени во член 165 став 1 точки 1 и 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП), односно поради постоење опасност осомничениот да се даде во бегство, како и поради основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоците. Имајќи предвид дека осомничениот ја издржуваше мерката притвор, определена во предметот „Пулс“, во КПУ Затвор Куманово, со оглед дека првично му беше определена од Основниот суд Кочани, сега тој ќе биде префрлен на издржување на новоопределената мерка притвор во затворот „Скопје“, согласно со Правилникот за спровод и издржување на определените мерки за обезбедување присуство – соопштија од Кривичниот суд.
Како дополнителна околност, Обвинителството го посочува фактот што веќе се води друга кривична постапка против Јованов, за тешки дела против општата сигурност, поврзана со пожарот во „Пулс“.
– Со оглед на тоа што, во однос на тоа дело, истекуваат законските рокови за обезбедување, а јавниот обвинител од ОЈОГОКК продолжува да прибира докази во однос на дејствата на поткуп, тој процени дека ризиците за обезбедување на осомничениот се големи и побара да му биде определена притворска мерка – наведува ОЈО ГОКК.
Во новата истрага, службеното лице што, според Обвинителството, го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за дејства на примање поткуп во големиот процес за „Пулс“.
Во меѓувреме, одбраната на обвинетиот Јованов го повлече барањето тој со гаранција да излезе од притвор во предметот за пожарот, во висина од 195.820 евра.
– Во однос на предлогот на одбраната на Д. Ј. за укинување на претходно определената мерка притвор во предметот „Пулс“, со определување гаранција во износ од околу 200.000 евра во недвижен имот, истата денеска е повлечена од страна на одбраната – соопштија од Судот.
Претходно, обвинителскиот тим што постапува во предметот „Пулс“ достави негативно мислење и побара да биде одбиен предлогот за гаранција како неоснован. Клучниот аргумент е дека дел од понудениот имот веќе е предмет на извршување.
– Обвинетиот Дејан Јованов ја дал, иако бил свесен дека дел од понудениот недвижен имот е предмет на извршување, па ниту може да биде ставен под хипотека, уште помалку да биде впаричен – наведува Обвинителството.
Според обвинителите, спорен е и видот на имотот што се нуди како гаранција. Дел од него се помошни простории, шупи, плевна и други објекти, од кои дел претходно биле дивоградби.
– Понудените недвижности во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи, плевна, а кои претходно биле бесправни објекти и тој имот, при евентуална потреба, исклучително тешко ќе може да биде впаричен и, секако, не во висина на износот на кој е проценет – смета Обвинителството.
Пожарот во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година. Загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Во судската постапка за пожарот се обвинети 34 лица. (П. А.)












