сабота, октомври 3, 2026
Дома СПОРТ ОСТАНАТИ СПОРТОВИ Скопскиот атлетски маратон има поинакво значење за Горан Билбилоски: Од лична приказна...

Скопскиот атлетски маратон има поинакво значење за Горан Билбилоски: Од лична приказна до трка за инклузија

0

Горан Билбилоски со години е учесник на Скопскиот атлетски маратон. Но, зад неговиот настап на најголемата спортска манифестација во македонската метропола, што ќе се одржи утре, стои лична причина поради која одново ги врзува патиките, а таа причина секогаш има лице и име.

Оваа година, Горан, кој воедно работи и како асистент на деца со попреченост, ќе настапи на трката на пет километри, заедно со својот ученик.

– Како специјален едукатор, секојдневно работам со деца што имаат различни потреби и различни начини на учење. Оваа година на Скопскиот маратон ќе трчам пет километри, заедно со еден од моите ученици. Неговото име нема да го споменам. Семејството сака да биде заштитена неговата приватност, и јас целосно го почитувам тоа. Но, неговата приказна, сепак, може да биде дел од мојата. Кога секојдневно работиш со деца со попреченост, сфаќаш нешто што не се учи од книги. Не постојат „тие“ и „ние“. Постои само човек. Дете што сака да биде прифатено. Дете што сака да има другар. Дете што сака некој да му даде време, трпение и можност. Понекогаш му треба повеќе време за да научи нешто. Понекогаш комуникацијата е поинаква. Понекогаш патот е потежок, но тоа не значи дека вреди помалку – вели Горан.

Ова не е негов прв ваков подвиг, тој постојано прави дела со кои ги вклучува децата и луѓето со попреченост во секојдневието, прави да бидат видени и испраќа порака дека треба да бидат прифатени различностите од сите нас.

– Во 2016 година, кај Школка, беше организирана првата трка за подигнување на свеста за Дауновиот синдром. Таму, пред десет години, почна моето дружење со Никола. Дружба што трае и денес, барем во моите спомени. Оттогаш секој Скопски маратон го трчам во чест на Никола и на сите деца и лица со Даунов синдром. Никола, за жал, веќе не е меѓу нас. Но, некои луѓе не исчезнуваат кога ќе заминат: остануваат во спомените, во приказните и во работите што продолжуваме да ги правиме поради нив.

На 21 март, денот посветен на свеста за Дауновиот синдром, решив да испливам 2,1 километар. Бројката не беше случајна: Дауновиот синдром е последица на трисомија на 21. хромозом.

Тоа беше мојот начин да кажам: „Не заборавајте ги овие деца! Тие не се ништо поразлични од другите, а системот премногу често ги заборава. Дауновиот синдром не нè дефинира како луѓе. Тоа е состојба што ни го отежнува учењето, но со трпение и упорност можеме да придонесеме за нашето општество – откри Горан.

Тој сподели уште една приказна:

-Една година трчав на патеката покрај Јелена, туркајќи ја нејзината инвалидска количка по улиците на Скопје. Двајцата со стартни броеви, двајцата тркачи. Не беше потребно многу објаснување. Понекогаш е доволно да бидеш покрај некого, да му дадеш поддршка и заедно да продолжите напред. Таа трка ми покажа нешто што оттогаш го носам на секој старт. Финишот е многу поубав кога заедно ќе стигнете до него.

Билбилоски ни кажа и за кого ќе ги трча петте километри на годинашниот маратон.

– Моите пет километри оваа година нема да бидат само уште една трка. Ќе ги трчам за мајка ми, за Никола, за Јелена, за моите ученици и за сите што секојдневно се борат да бидат видени, прифатени и рамноправно вклучени во општеството.

Спортот има една прекрасна особина. На стартот сите сме различни: различни приказни, различни тела, различни можности и различни причини зошто сме таму. Но, кога ќе почне трката, сите имаме иста задача: да продолжиме напред.

Не мора секој да истрча маратон. Не мора секој да биде Ајронмен или ултрамаратонец. Понекогаш е доволно да застанеш покрај некого, да помогнеш, да сослушаш, да бидеш пријател, да дадеш можност и најважно, да не гледаш на попреченоста како на нешто што го дефинира човекот.

Направете нешто и вие. Бидете нечија поддршка. Вистинската трка никогаш не е само онаа на асфалтот. Вистинската трка е да изградиме општество во кое никој нема да биде заборавен – е поракана на Горан.

Тој денеска работи три работи.

– Денес работам три работи. Едната е со деца со посебни образовни потреби. Другите две се во светот на дигиталниот маркетинг и на вештачката интелигенција. На прв поглед, тоа се два целосно различни света. Во едниот се алгоритми, кампањи и нови технологии. Во другиот се деца кои учат со свое темпо, кои понекогаш комуницираат поинаку и кои бараат многу трпение. Но, колку подолго работам во двата толку повеќе сфаќам дека се поврзани. Дигиталниот маркетинг и вештачката интелигенција ме учат како да стигнам до луѓето. Децата ме учат зошто воопшто е важно тоа.

Кога ќе ме праша некој како наоѓам време за тренинзи, трки и за Ајронмен покрај три работи, одговорот е едноставен: за она што ти е навистина важно, секогаш наоѓаш време. Понекогаш тоа значи порано станување, понекогаш подоцна легнување, но никогаш не значи откажување.

Ветување што го носи од дома

– Пораснав со мајка што беше глувонема. Таа веќе не е меѓу нас, но животот со неа уште од детството ме научи дека не се гледа човекот според неговата попреченост, туку според тоа кој е, што чувствува и што може да даде.

Како дете, научив дека комуникацијата не е само зборови. Таа е поглед, гест, трпение и желба да го разбереш другиот. Тоа знаење денес го користам секој ден, и во училницата и надвор од неа.

Затоа секоја година си го повторувам истото ветување: барем една трка на Скопскиот маратон, без разлика дали е маратон, полумаратон или 5 километри.

Оној што никогаш не живеел со таква личност, тешко може навистина да ја разбере. Јас го научив тоа од прва рака.

Што го научија истрчаните километри?

– Ултрамаратоните ме научија дека најтешките моменти не се на стартот, ниту на целта. Тие се некаде на средината, кога сака телото да застане, а целта сè уште не се гледа. Тогаш продолжуваш чекор по чекор. Не размислуваш за целиот пат, туку само за следниот километар. Истото го гледам кај децата со кои работам. Секој мал напредок е нивниот следен километар. И секој од тие километри заслужува да биде забележан и поздравен исто како и финишот на најголемата трка. (С.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ