петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА БОЛЕДУВАЊЕТО НЕ СЕ КРАТИ, АМА ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВА

БОЛЕДУВАЊЕТО НЕ СЕ КРАТИ, АМА ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВА

ЌЕ ТРОПААТ НА ВРАТА, НО НЕ МОРА СЕКОЈ БОЛЕН ДА Е ДОМА

0

Боледувањето останува право на болниот, но начинот на кој ќе се користи тоа право влегува под поголема контрола. Новите правила на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) предвидуваат по петтиот ден, за одредени дијагнози, да се применуваат дополнителни медицински критериуми, што предизвика реакции дека пациентите ќе бидат принудени порано да се вратат на работа.

Од Фондот, пак, уверуваат дека такво нешто не е предвидено. Петтиот ден не е краен рок за боледување. Ако здравствената состојба бара подолго отсуство, пациентот ќе може да го продолжи боледувањето, но за тоа ќе треба да постои медицинско образложение согласно со критериумите. Матичниот лекар и понатаму може да утврди привремена спреченост за работа до 15 дена, додека за подолг период одлучува лекарска комисија на Фондот.

Она што особено ја привлече јавноста е најавата за контроли во домовите на пациентите. Идејата е да се проверува дали боледувањето навистина се користи за намената за која е отворено, односно дали лицето кое треба да мирува дома навистина ги почитува лекарските препораки. Но, домашната контрола не значи дека секој болен ќе мора 24 часа да седи дома. Ако лекарот препорачал пешачење, физикална терапија, рехабилитација, контрола, лабораториски анализи или подигнување терапија, нормално е пациентот да мора да излезе од домот. Самото тоа што контролорот нема да го затече пациентот дома не треба автоматски да значи дека боледувањето е злоупотребено. Од Фондот најавуваат дека ќе се зема предвид конкретната здравствена состојба и медицинската препорака. Најавено е дека ќе има и контроли по пријава, но и по случаен избор. На тој начин, Фондот сака да утврди дали има случаи во кои боледувањето се користи за други цели, наместо за лекување и закрепнување.

Промените се насочени и кон лекарите. Со појасни критериуми, матичните лекари би требало да имаат поткрепа кога треба да проценат дали на пациентот му е потребно продолжено боледување. Во исто време, се предвидува и намалување на дел од административниот товар. Продолжувањето на боледувањето по 15. ден треба да се дигитализира, со што дел од постапките ќе се одвиваат електронски. Фондот тврди дека суштината не е да се скратат боледувањата, туку да се воведе поголема контрола и медицинска оправданост.

 

 

ИЗДВОЕНИ