Словачка воведува едногодишни национални визи за професионалните возачи од земји надвор од ЕУ, меѓу кои и Македонија, а Хрватска нуди долгорочно решение за возачите од Западен Балкан. Додека Европа се обидува да го надомести недостигот на шофери, македонските превозници и натаму се соочуваат со ограничувањето 90/180 во Шенген-зоната. Македонија досега склучи договори со Хрватска, Романија и со Швајцарија, а преговори се водат и со Австрија, Германија, Унгарија и со Словенија. Новите договори треба да им овозможат на македонските возачи полесно и подолго да работат на европските транспортни линии

 

Словачка од почетокот на 2026 година им овозможува на професионалните возачи на автобуси и на камиони од одредени земји надвор од ЕУ, вклучително и од Македонија, ако отидат да работат во оваа држава, да добијат национална виза со важност до една година, наместо досегашните шест месеци. За 2026 година се предвидени до 5.000 вакви визи.

На листата на земји чии државјани можат да бидат опфатени, покрај Македонија, се и Србија, Украина, Грузија, Индија, Филипини, Непал, Казахстан, Узбекистан и други. Целта е возачите да имаат повеќе време за адаптација, обука и за интеграција кај работодавецот, а компаниите да имаат помалку проблеми со честата промена на кадарот. Од јули 2026 година, во Словачка дополнително се овозможува полесен премин од национална виза кон привремен престој за работа доколку работникот остане на истото работно место.

Важно е да се спомене дека словачката програма се однесува само за професионалните возачи што бараат работа во таа држава. Хрватска, пак, од 23 септември воведе нов механизам за професионалните возачи од земјите од Западен Балкан, при што е овозможено тие да добиваат долгорочни визи, со што се олеснува проблемот со правилото 90/180 во Шенген-зоната – ограничување што станува сериозна пречка за професионалните возачи поради природата на нивната работа.

За Македонија, ова не е само прашање на визна политика туку и на конкурентноста на транспортниот сектор. Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, проблемот се решава преку билатерални договори, бидејќи нема единствено европско решение.

– Веќе се склучени три такви договори: со Хрватска, Романија и со Швајцарија – изјави Николоски, додавајќи дека Македонија преговара со Австрија, Германија, Унгарија и со Словенија.

Суштината на проблемот е што професионалните возачи, иако работат во меѓународниот транспорт, според правилата за краткорочен престој се третираат како други патници од трети земји. Тоа ги принудува превозниците да го организираат работењето според ограничувањето од 90 дена во период од 180 дена.

Словачкиот модел покажува дека европските држави се соочуваaт со сериозен недостиг на професионални возачи. Европските транспортни пазари сè почесто бараат начини да го олеснат ангажирањето возачи од земји надвор од ЕУ, преку подолги визи и билатерални договори. Во тој контекст, Словачка и Хрватска воведуваат различни решенија, додека за македонските превозници договорите со Хрватска, Романија и со Швајцарија се првиот чекор, додека исходот од преговорите со Австрија, Германија, Словенија и со Унгарија ќе биде особено важен поради нивната улога како транзитни и крајни дестинации за македонскиот транспорт.

Здруженијата на професионални возачи од Западен Балкан се скептични дека ќе бидат доволни националните визи за долгорочно решавање на недостигот на професионални возачи или ќе биде потребно пошироко европско решение за нивната мобилност во Шенген. Затоа тие побараа од Европската комисија, до воведувањето на долгорочните визи, престојот на професионалните возачи во Шенген да се пресметува според реално поминатите часови, а не како цели денови. Но, од ЕК и натаму инсистираат дека останува во сила шенгенското правило и упатува на национални визи, дозволи за престој и други решенија во рамките на постојните правила.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ