Договорот за изградба на автопатската делница Скопје – Блаце ќе биде потпишан в понеделник, најави премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за капитален инфраструктурен проект што граѓаните го очекуваат со децении.

Осврнувајќи се на реализираните активности и плановите на Владата во областа на патната инфраструктура, Мицкоски истакна дека во наредниот период истовремено ќе се реализираат шест автопатски делници, што, како што рече, претставува прв ваков инвестициски циклус во земјава.

– В понеделник го потпишуваме договорот за изградба на автопатот Скопје – Блаце, проект што граѓаните го чекаат со децении и кој го доби македонска компанија. Многу наскоро ќе биде завршен и процесот за делницата Букојчани – Кичево, а догодина во ова време веќе треба да се користи автопатот Кичево – Охрид – изјави Мицкоски.

Тој најави дека до следната година се очекува во употреба да бидат пуштени и првите десет километри од автопатот кај Прилеп, во двете насоки, додека во полн интензитет ќе продолжи изградбата на автопатската делница Тетово – Гостивар – Букојчани.

– Првпат имаме ситуација во ист момент да се работи на шест автопатски делници. Тоа е силен инвестициски циклус во патната инфраструктура, а покрај овие, има и многу други проекти што се реализираат – истакна премиерот.

За изведувач на автопатот Скопје – Блаце е избран конзорциум предводен од македонската градежна компанија „Гранит“. Изборот на изведувач бил потврден на средба во Истанбул меѓу вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и директорот на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу. На состанокот било соопштено дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) успешно е завршена тендерската постапка за избор на изведувач.

– Предвидени се пет тунели, две галерии, 12 мостови и вкупно околу 40 инженерски објекти. Очекуваме проектот да биде завршен во рок од три и пол години, со што ќе се обезбеди современо автопатско поврзување на Македонија со Косово, а преку него и со Црна Гора – деновиве изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Проектот за автопатот Скопје – Блаце со години се соочуваше со одложувања и измени. Во март 2018 година, тогашниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, најави дека трасата ќе биде препроектирана во автопат, бидејќи првичното решение не ги исполнувало безбедносните стандарди. За таа намена беа обезбедени 1,2 милиони евра грант-средства, а беше најавено дека новата проектна документација ќе биде завршена до крајот на истата година.

Сугарески тогаш посочи дека дел од првично предвидената траса минувала низ гробишта и низ индустриската зона во Визбегово, поради што било неопходно ново проектно решение. Предвидената должина на автопатот изнесува околу 13 километри.

И покрај најавите, реализацијата на проектот се одвиваше со забавено темпо. Во септември 2022 година, тогашниот директор на ЈПДП, Ејуп Рустеми, информираше дека рокот за изградба на првата делница во должина од два километра ќе биде пролонгиран поради проблеми со експропријацијата на земјиштето и дополнителни технички предизвици на терен.

Рустеми образложи во текот на изградбата било неопходно дополнително проектирање на потпорен ѕид долг 280 метри, како и редизајн на косините на делницата, што наложило повторување на постапките за јавни набавки и дополнително го одложило проектот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ