Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Европа се согласила „веднаш“ да ослободи дел од своите резерви на дизел, во момент кога тој и неговата Републиканска партија се соочуваат со притисок да реагираат на вртоглавиот раст на цените пред ноемвриските избори за Конгресот.
Трамп ја соопшти одлуката на социјалните мрежи без да прецизира кои земји ќе ги ослободат резервите или за кои количества станува збор. „Европа штотуку се согласи да ослободи огромно количество од своите големи резерви на дизел гориво. Процесот ќе започне веднаш“, напиша тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека земјите од Г7 ќе ослободат до 100 милиони барели од резервите на нафта, вклучително и дизел. „Резервите ќе бидат дистрибуирани во рок од четири месеци под координација на Меѓународната агенција за енергетика“, изјави францускиот претседател на социјалната мрежа „Икс“.
Je viens de réunir les dirigeants du G7 pour évoquer la situation énergétique mondiale.
Nous sommes d’accord pour travailler de manière coordonnée pour contribuer à la baisse des prix des produits pétroliers, notamment du diesel.
Nous avons décidé de :
→ flexibiliser la production pour produire au maximum de nos capacités de nos raffineries,
→ libérer nos réserves stratégiques jusqu’à 100 millions de barils, sous 4 mois, avec nos partenaires, sous la coordination de l’Agence internationale de l’énergie,
→ ne prendre aucune mesure de restriction des échanges de produits énergétiques et pétroliers entre pays partenaires.
Le communiqué du G7 : https://t.co/BK2dKe36Gu
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) October 2, 2026
Седумте земји исто така се согласија нивните рафинерии да работат со „максимален капацитет“ и дека нема да преземаат „никакви мерки“ за ограничување на меѓусебната размена на енергија и нафтени деривати. Ова подразбира дека САД нема да воведат забрана за извоз на дизел.
Лидерите на Г7 издадоа заедничка изјава со која го потврдуваат новиот договор за нафта и дизел. Во неа се наведува дека, како дел од вкупното ослободување од 100 милиони барели, „на почетокот“ ќе се спроведе „значајно ослободување на големи количества дизел“, при што земјите-членки ќе ослободат дел од своите залихи во текот на првите 20 дена.
Земјите-членки ќе одржат состанок со Меѓународната агенција за енергетика во наредните денови за да разговараат за „можноста за дополнително ослободување на дизел“ доколку се појави потреба.
Цените на горивото во САД и во странство нагло пораснаа за време на осуммесечната војна, а Трамп постојано изјавуваше дека плаќањето на таква цена е оправдано за да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје. Трамп тврди дека цените ќе паднат штом ќе заврши војната, иако засега не се гледа крај на конфликтот. Просечната цена на галон (3,785 литри) дизел во САД денес изнесуваше 6,37 долари, според податоците на Американската автомобилска асоцијација (AAA), по рекордното ниво од 6,52 долари достигнато на 22 септември.
Трамп разговараше со Макрон – кој моментално претседава со Г7 – за потребата да се решат прашањата поврзани со растот на цените на горивото и достапноста на нафтените деривати. Потоа, Макрон претседаваше со видеоконференција на лидерите на Г7 за да се разговара за ова прашање. Овие нови информации доаѓаат откако земјите од Европската Унија денес разговараа за францускиот предлог според кој европските земји би ослободиле 50 милиони барели дизел од стратешките резерви, додека членките на Меѓународната агенција за енергетика би ослободиле дополнителни 50 милиони барели сурова нафта.
Новата анкета на AP-NORC покажа дека мнозинството возрасни Американци го сметаат Трамп за одговорен за високите цени, додека поддршката за начинот на кој тој ја води економијата падна на ново најниско ниво.
Трамп чувствува сè поголема фрустрација поради она што го доживува како неусогласеност меѓу неговите постигнувања и начинот на кој јавноста ја оценува неговата работа. Оваа недела тој ја оцени својата работа на полето на економијата со највисока оценка (А+), но нагласи: „Исклучително лошо стоиме со промоцијата“.











