Инфлацијата во еврозоната се искачи на 3,8 отсто во септември во споредба со истиот месец минатата година – што претставува тригодишен максимум – објави денеска „Евростат“.
Годишната инфлација во септември изнесуваше 3,8 отсто, што е пораст во однос на 3,2 отсто во август; најголем придонес за тоа имаше растот на цените на енергенсите – зголемување од 18,8 отсто на годишно ниво во септември, во споредба со растот од 14,3 отсто во август – извести „Евростат“.
Оваа стапка на инфлација е највисока од септември 2023 година, кога изнесуваше 4,3 отсто, и е речиси двојно повисока од целта на Европската централна банка (ЕЦБ) од 2 отсто – ниво што ЕЦБ го смета за усогласено со стабилноста на цените.
Септемвриската инфлација исто така ги надмина прогнозите на аналитичарите, кои очекуваа стапка од 3,6 отсто, пренесува „Еуроњуз“.
Во рамките на еврозоната, највисока инфлација е забележана во Литванија, од 6,1 отсто, што е пораст од 5,6 отсто во август. Вкупно шест од 21-та членка на еврозоната забележаа инфлација повисока од пет отсто. Десет земји имаа инфлација на ниво или над просекот на еврозоната од 3,8 отсто.
Следна е Бугарија – која ѝ се приклучи на еврозоната на 1 јануари оваа година – со 5,6 отсто. Кипар и Луксембург забележаа инфлација од 5,2 отсто, Грција 5,1 отсто, а Шпанија пет отсто, пренесе „Бета“.












