Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, вчера го означија почетокот на санацијата на надвозникот „Естакада“ во Гази Баба, проект што со години беше барање на илјадници жители, една од најважните сообраќајни точки во овој дел од градот и една од најфреквентните врски на источниот влез и излез од градот.
Санацијата опфаќа пристапни рампи на вкупна површина од 10.000 квадратни метри, при што на 3.800 квадратни метри ќе се изврши целосно гребење на постојниот коловоз и вградување на два нови асфалтни слоја. На самиот надвозник ќе биде поставен нов асфалтен слој.
Дополнително, предвидена е замена на рабниците, изработка на асфалтни тротоари, чистење, санација и бојадисување на заштитната пешачка ограда, како и замена на постојните капаци на шахтите. Вкупната должина на делницата што се санира е 1,5 километри коловоз.
– „Естакада“ претставува важна сообраќајна артерија по која секојдневно се движат илјадници граѓани, работници, ученици, превозници и компании од Скопје и од околните општини. Со реализацијата на овој проект, значително ќе се подобрат условите за движење и безбедноста на сите учесници во сообраќајот – соопштија од Град Скопје.












