Изложба посветена на еден од најзначајните македонски ликовни уметници, Петар Мазев, чие творештво остави длабока трага во современата македонска и регионална уметност, е поставена во МТС Дворана во Белград, Србија.
Насловот на изложбата е „Сага за творечките немири“, а се реализира во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Белград.
Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, во своето обраќање на отворањето на изложбата истакна дека Мазев е автор чие дело одамна ги надминало границите на времето и просторот, а неговата уметност и денес комуницира со новите генерации преку својата силна емоција, автентичен израз и универзални пораки.

„Големите уметници не припаѓаат само на своето време. Тие продолжуваат да живеат преку своите дела, да разговараат со нови генерации и да нè потсетуваат дека уметноста е една од ретките вредности што му одолева на времето. Петар Мазев е токму таков уметник“, посочи во обраќањето Станчевска-Ѓоргова.
Во рамките на настанот беше нагласено значењето на Македонскиот културно-информативен центар во Белград во афирмацијата и промоцијата на македонската култура пред српската јавност, како и улогата на културата како најцврста врска во пријателство и соработка меѓу двете земји.
Изложбата која се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам нуди ретка можност белградската публика повторно да се сретне со делата на Мазев, уметник, педагог и визионер, чие творештво останува трајно сведоштво за силата на македонската уметност и нејзините универзални вредности.












