По две децении започна реализацијата на проектот за темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, како и изградба на нова пешачка патека во Општина Бутел.
Почетокот на активностите беше означен во присуство на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и на градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
– Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и дружење на граѓаните. Покрај патеката ќе бидат поставени современо ЛЕД-осветлување, урбана опрема и нови клупи, а просторот ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило – соопштија од Град Скопје.
Притоа, додадоа дека во рамките на проектот е предвидена и изградба на нови детски игралишта, со цел создавање безбеден и уреден простор за игра и рекреација на најмладите.
– Со реализацијата на овој зафат, Општина Бутел, во соработка со Град Скопје, продолжува со активностите насочени кон подобрување на јавниот простор и квалитетот на живот на граѓаните – наведуваат градските власти.












