– Проектот ќе оди етапно. Договорено е првите контролирани пристапи да бидат поставени на трите улици: „Донбас“, „Андон Дуков“ и „Алберт Ајнштајн“. Потоа етапно ќе бидат затворани и другите улици во ова маало – образложи Кире Секуловски, раководител на Секторот за уредување градежно земјиште во Општина Центар. Тој додаде дека чекаат официјална потврда за тоа од МВР за да можат да го изменат проектот. Се надева дека до крајот на годинава ќе ја имаат потврдата, за по 15 јануари наредната година, некаде до крајот на февруари, да биде направен проектот, а во март да биде распишан тендерот за избор на најповолна фирма изведувач на градежните работи за затворање на трите улици

 

Пилот-проектот на Општина Центар според кој се предвидува затворање на Дебар Маало за сообраќај од петок од 18:00 часот до недела на полноќ ќе се реализира, но со одредени измени. Според Кире Секуловски, раководител на Секторот за уредување градежно земјиште во Општина Центар, било разговарано со претставниците од Министерството за внатрешни работи, каде што е предаден проектот, при што било договорено да се направат одредени измени во проектот.

– Проектот ќе оди етапно. Договорено е првите контролирани пристапи да бидат поставени на трите улици: „Донбас“, „Андон Дуков“ и „Алберт Ајнштајн“. Потоа етапно ќе бидат затворани и другите улици во ова маало – образложи Секуловски.

Тој додаде дека чекаат официјална потврда за тоа од МВР, за да можат да го изменат проектот.

– Се надевам дека до крајот на годинава ќе ја имаме потврдата, за по 15 јануари наредната година, некаде до крајот на февруари, да биде направен проектот, а во март да биде распишан тендерот за избор на најповолна фирма изведувач на градежните работи за затворање на трите улици – објасни Секуловски.

Последно, од Општина Центар беше најавено дека треба да биде спроведен пилот-проектот пред почетокот на летната сезона, односно од 1 април до 1 мај оваа година, но тој сè уште тапка во место, а општинското раководство прстот го вперува кон МВР.

Проектот е вграден во Програмата и во Планот за јавни набавки на Општина Центар, а неговата цел, според општинските власти, е зголемување на безбедноста на пешаците, намалување на емисијата на штетни гасови, поттикнување на користењето на велосипедите како превозно средство, но и намалување на паркирањето на нерезидентните жители.

Притоа, ќе можат да се паркираат само жителите, додека оние што не се резиденти нема да имаат пристап.

При најавата на проектот на средината од јуни минатата година, од Општина Центар беше објаснето дека ќе се направат кружни прстени за движење во три фази и ќе може да влегуваат само резидентите, односно жителите што живеат таму ќе добијат специјални дозволи (картички), а нема да може да влегуваат жителите што не се од тој реон.

Предвидено е да се стават вкупно девет рампи, а на деловите каде што завршуваат улиците слепо, ќе биде регулирано со мобилна апликација за отворање на рампите. Беше споменато и тоа дека во времето кога ќе биде затворено Дебар Маало за сообраќај, ќе може низ него да транзитираат жителите од други општини и од други делови на Општина Центар, и тоа само на 15 минути и оти на тој начин нема да се зголеми, туку, напротив, ќе се намали доаѓањето возила во Центар и ќе се добие безбедно Дебар Маало или „сејфти“ Дебар Маало.

Воедно, планирано е да се воведат и посебни правила за дотур на стока. Нема да биде дозволен влез на возила потешки од 3,5 тони, освен ако не се работи за посебно одобрени ситуации со дозвола издадена од Град Скопје, која ќе важи наутро од 7:00 до 9:00 часот. За да се олесни снаоѓањето, ќе биде поставена и соодветна физичка сигнализација на булеварите „Партизански одреди“, „Климент Охридски“, „Илинден“ и улицата „Рузвелтова“, со што ќе се информираат сите учесници во сообраќајот за новиот режим.

Од Општина Центар, при најавата на проектот, нагласија дека доколку се покаже овој пилот-проект како успешен во Дебар Маало, би можел да се примени ваквиот режим на сообраќај во Градскиот парк, Буњаковец, Капиштец и во сите други зони на нејзина територија.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ