Сточарите најавуваат протести поради доцнењето на вакцините против овчите сипаници. Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, Насер Џемаили, побара и оставка од директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), обвинувајќи го дека по трет пат ги излажал сточарите. Оттаму велат дека се испочитувани сите законски и административни процедури и дека испораката на вакцините се очекува наскоро.
– За краток период, по третпат, директорот на АХВ ги излажа сточарите. В петок, сточарите се собираат во Штип и ќе се организираат за протести пред АХВ, каде што ќе бараат оставка од директорот, објави Џемаили.
Од АХВ реагираа на неговите наводи, посочувајќи дека се спроведени сите потребни административни и законски процедури за набавка и примена на вакцините. Како што информираат, добиено е позитивно мислење од Европската комисија за спроведување на вакцинацијата, а одобрен е и планот за итна вакцинација на целата територија на државата. Спроведени се и постапките за документацијата, одобренијата за увоз и царинењето.
Од Агенцијата велат дека вакцините треба наскоро да пристигнат од турската компанија, нагласувајќи дека времето на испорака не зависи од АХВ ниту од Министерството. Во меѓувреме, се привршуваат активностите за земање примероци за испитување на бруцелоза кај овците и козите.
– Веднаш по пристигнувањето на вакцините ќе започне спроведувањето на итната вакцинација согласно со одобрениот план, во координација со надлежните ветеринарни служби, со цел заштита на здравјето на животните и спречување на понатамошното ширење на болеста, соопштија од АХВ.
Од Агенцијата додаваат дека сточарите биле информирани пред два месеца, како и на претходниот состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, дека се чека одговор од Европската комисија, со цел да се избегне евентуална забрана за извоз на јагнешко месо во Европската Унија.
Во меѓувреме, Џемаили предупредува дека доцнењето со вакцините им создава сериозни проблеми на сточарите, особено со приближувањето на зимата и снегот на планините, што дополнително би го отежнало спроведувањето на вакцинацијата.
– Поради доцнењето со обезбедувањето на вакцините против сипаници од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, сточарите се соочуваат со сериозни проблеми. Додека вакцините доцнат, овчарите се затечени од зимата и снегот на планините, што дополнително го отежнува навременото спроведување на вакцинацијата и ја зголемува загриженоста за здравјето на стадата. Потребна е итна реакција, пред последиците да станат уште посериозни!, објави Џемаили.
Од АХВ ги повикаа сточарите да ги почитуваат биосигурносните мерки и навремено да пријавуваат какви било промени во епидемиолошката состојба во нивните одгледувалишта.












