И на 98. доделување на Оскарите, познатите модни креатори ја искористија целата своја имагинација и креативност, надминувајќи се со гламурозни креации со кои го привлекоа сето внимание на присутната публика
Пердувесто, блескаво и раскошно. Вака накратко можеме да го оцениме црвениот тепих на доделувањето на најпрестижните филмски награди Оскари, кои годинава го имаа своето 98. издание. И овој пат, познатите модни креатори решија да ја искористат целата своја имагинација и целата креативност, надминувајќи се со гламурозни креации со кои го привлекоа сето внимание на присутната публика. Секако, и златото, дијамантите и бисерите беа неизоставен дел од стилот на дамите. Она што беше интересно е што едни од најпознатите модни куќи решија да ги вратат пердувите на голема врата, па познатите дами од светот на филмот како Деми Мур, Никол Кидман и девојката која покажа дека знае да го привлече вниманието со својот изглед – актерката од филмот „Една битка по друга“, Тејана Тејлор, избраа токму – пердувести фустани.

Австралиската актерка Никол Кидман се појави на црвениот тепих на Оскарите во театарот Долби во гламурозен фустан од модната куќа „Шанел“. Фустанот беше направен од свила во светлорозова нијанса и беше богато украсен со кристали и мониста на горниот дел. Половината во облик на пеплум беше украсена со пердуви во нијанси на беж, розова и кајсија. Актерката ја надополни комбинацијата со модни додатоци од „Шанел“ – обетки и прстени од 18-каратно бело злато украсени со бисери и дијаманти.


Американската актерка и пејачка, Тејана Тејлор, ја истакна својата витка фигура со црно-бел фустан со пердуви. Тој го истакнуваше нејзиното деколте, додека во пределот на стомакот имаше проѕирен дел. Тесниот долен дел од фустанот, кој беше исполнет со пердуви, имаше и шлеп со пердуви што се влечеше зад неа. Модното издание го комплетираше со синџир со кристали, како и сребрени обетки.


Деми Мур, пак, ги засени помладите колешки. Таа се одлучи за драматичен фустан од „Гучи“ со пердуви, внесувајќи голема доза гламур. Фустанот беше во смарагднозелена боја со нијанси на црна боја и метални детали, а драматичните пердуви се истакнуваа на горниот и на долниот дел без прерамки, кои се спуштаа во долга низа. Таа го комплетираше својот изглед со сребрени висечки обетки и нараквица. Таа беше презентер на церемонијата заедно со голем број ѕвезди, вклучувајќи ги Ен Хатавеј и Крис Еванс.

Ен Хатавеј, пак, ги врати долгите ракавици на црвениот тепих – комбинирајќи ги со фустан со рибја опашка покриен со кинески дезен. Долго здолниште и корсет без прерамки, со многу сјај – фустанот на Ел Фенинг дизајниран од Сара Бартон во „Живанши“ во комбинација со фризура и дијаманти, е класичен гламур.


Џеси Бакли, добитничката на Оскар за главна актерка, во посебно изработениот фустан од „Шанел“ со откриени рамена, даде сè од себе да изгледа како во најдобрите холивудски времиња, но и модерно во исто време. Ѕвездата на „K-pop Demon Hunters“, Арден Чо, која го позајмува гласот на Руми во филмот, носеше драматичен фустан од госпоѓица Сохи со маслинестозелен шал со цветчиња, кој се влечеше по подот… Актерката Ли Џун-Ли од филмот „Грешници“, воодушеви со скулптурален фустан со корсет, од дизајнерот Гаурав Гупта.

Од смирувачки пастелни нијанси до изобилство од пердувести детали, најгламурозната ноќ во Холивуд и овој пат не разочара, а имавме можност да видиме незаборавни модни изданија кои ги одразуваат и ги движат трендовите. (Д. Т.)

Фото: EPA/EFE












