Политичкиот трилер „Една битка по друга“ со шест Оскари триумфираше на 98. свечено доделувањето на најпрестижните филмски награди што се одржаа во Лос Анџелес. -Овој филм го направив за моите деца, рече режисерот Пол Томас Андерсон кој го доби и Оскарот за адаптирано сценарио и дома си замина со три златни статуетки. 

-Простете што овој свет го оставивме во ваков хаос. Се надеваме дека тие ќе бидат генерацијата што ќе ни донесе малку здрав разум и пристојност, додаде тој посочувајќи дека сите од номинираните филмовите се одлични и дека само мали нијанси одлучуваат за победникот

„Една битка по друга“ (One Battle After Another), револуционерна сага на Пол Томас Андерсон со шест награди Оскар, меѓу кои за најдобар филм и за најдобар режисер триумфираше на 98. свечено доделувањето на најпрестижните филмски награди што се одржаа синоќа во Долби театарот во Лос Анџелес, САД.

Политичкиот трилер/акција, следи група поранешни револуционери кои се обединуваат да ја спасат ќерката на еден од своите, кога по 16 години ќе се појави заедничкиот непријател.

Филмската екипа на „Една битка по друга“
Сцена од „Една битка по друга“

-Овој филм го направив за моите деца, рече режисерот Пол Томас Андерсон кој го доби и Оскарот за адаптирано сценарио и дома си замина со три златни статуетки.

-Простете што овој свет го оставивме во ваков хаос. Се надеваме дека тие ќе бидат генерацијата што ќе ни донесе малку здрав разум и пристојност, додаде тој посочувајќи дека сите од номинираните филмовите се одлични и дека само мали нијанси одлучуваат за победникот.

Актерот Шон Пен го доби Оскарот за најдобра споредна машка улога во овој филм, но не беше присутен на свеченото доделување за да му го врачат. Тој, во оваа категорија, ги победи својот колега од истиот филм, Бенисио Дел Торо, но и Делрој Линдо („Грешници“), Џејкоб Елорди („Франкенштајн“) и Стелан Скарсгард („Сентиментална вредност“). Киран Калкин ја прими наградата во негово име со зборовите: „Шон Пен не можеше да биде тука вечерва, или не сакаше.“

Филмот, што доби 13-те номинации, се закити и со Оскарите за монтажа и кастинг. Всушност првиот Оскар за кастинг, категорија која се воведе од оваа година, отиде во рацете на „Една битка по друга“.

Џеси Бакли, Мајкл Б. Џордан и Ејми Мадиган

И покрај рекордните 16 номинации, вампирскиот хорор „Грешници“ (Sinners) на Рајан Куглер, пак, вечерта си замина со 4 златни статуетки. Филмот, чие дејство е сместено во 1932 година, во делтата на Мисисипи, следи браќа близнаци, кои обидувајќи се да ги остават своите проблематични животи зад себе, се враќаат во својот роден град за да започнат одново, но откриваат дека таму ги чека уште поголемо зло.

Остварувањето се закити со наградите за оригинално сценарио (режисерот Куглер), музика, кинематографија и за најдобар актер (Мајкл Б. Џордан).

Актерот Мајкл Б. Џордан примајќи ја златната статуетка рече дека на оскаровската сцена стои поради сите црномурести актери кои претходно го изоделе овој пат, меѓу кои Сидни Поатје и Дензел Вашингтон. Во оваа категорија Б. Џордан ја победи силната конкуренција и тоа, Леонардо Ди Каприо („Една битка по друга“), Тимоти Шаламе („Марти Суприм“), Итан Хок („Сина месечина“) и Вагнер Моура („Тајниот агент“). Интересно е дека, за овој филм, Отум Дуралд Аркапо е прва жена што освоила Оскар за најдобра кинематографија.

„Хамнет“

Кај актерските награди, очекувано, Џеси Бакли го доби Оскарот за најдобра актерка за улогата на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ (Hamnet) во режија на Клое Жао. Остварувањето, засновано на истоимениот роман на Меги О’Фарел, е замислен приказ за животот на Вилијам Шекспир и Агнес, кои заради чума го губат 11-годишниот син Хамнет.

-Огромна е способноста на мајките да сакаат, и жените да создаваат рече ирската актерка Бакли во емотивниот говор, а кој се однесуваше и на нејзината улога, но и на жените како креаторки, меѓу кои режисерката Жао. Бакли во оваа категорија се бореше со Роуз Бирн („Ако имав нозе, ќе те шутирав“), Кејт Хадсон („Сонг Сунг Блу“), Ренате Рејнсве („Сентиментална вредност“) и Ема Стоун („Бугонија“).

Ејми Мадиган, пак, за филмот „Оружја“ го доби Оскарот за најдобра споредна женска улога. На Мадиган ова и беше втора номинација по 40 години, односно откако првата ја добила во 1986 година.

-Ова е супер. По номинацијата ме прашуваа што е сега различно од пред 40 години. Различно е сега бидејќи го добив Оскарот, рече таа со златната статуетка во раце, заблагодарувајќи се меѓу другите и на нејзиниот сопруг, актерот Ед Харис.

„Сентиментална вредност“

На доделувањето на Оскарите, за најдобар интернационален филм беше прогласенa норвешката семејна драма за семејството што создава филмови „Сентиментална вредност“ на Јоаким Триер.

-„Сентиментална вредност“ е за дисфункционално семејство, сосема различно од  нашето филмско семејство што го направи филмот, рече данско-норвешкиот режисер Триер држејќи го Оскарот. Тој парафразираше цитат на познат американски писател кој кажал дека “сите возрасни се одговорни за сите деца“.

-Да не се гласа за политичари кои не го сфаќаат ова сериозно, порача Триер од сцената.

Хавиер Бардем, објавувајќи ја токму наградата за најдобар интернационален филм, пак, рече: „Не за војната. Слободна Палестина“.

Интересно е дека како презентерка на свеченоста на Оскарите заедно со актерката Ен Хатавеј се појави и поранешната уредничка на модното списание на „Вог“ Ана Винтур и го прогласи филмот „Франкештајн“ за најдобар во категориите дизајн на костими, но и за најдобра шминка и фризура. Кај ова остварување отиде и Оскарот за сценографија, односно продукциски дизајн. Со ова филмот на Гиљермо дел Торо за брилијантниот, но егоистичен научник д-р Виктор Франкенштајн, кој во монструозен експеримент оживува едно суштество, дома си замина со три златни статуетки.

Филмот „Господин Никој против Путин“, пак, беше прогласен за најдобар документарец.

-Четири години се надеваме на ѕвезди на небото, а наместо ѕвезди имаме бомби. Во име на иднината и децата запрете ги сите војни сега, рече главниот протагонист во филмот на руски јазик, држејќи го Оскарот во раце.

Оскарот за краток документарец отиде кај филмот „Сите празни соби“ за кој креаторите рекоа дека е за четири деца кои го изгубиле животот во училишни пукања.

„Мојата ќерка Џеки имаше девет години кога беше убиена. Од тој ден, нејзината соба е замрзната во времето. Насилството со оружје сега е водечка причина за смрт кај децата и тинејџерите. Верувам дека ако светот може да ги види нивните празни соби, ова ќе беше поинаква Америка“, рече мајката на едно од тие деца.

Две остварувања „Пејачите“ и „Двајца луѓе разменуваат плунка“ го поделија Оскарот за најдобар краток игран филм.

-Правиме филмови бидејќи сакаме да ги смениме срцата на луѓето, рекоа заслужните за еден од филмовите.

Во категоријата визуелни ефекти победи филмот „Аватар: Оган и пепел“, наградата за најдобар звук ја доби „Ф1“, а за најдобра оригинална песна беше прогласена „Golden“ (Златна) од филмот „Ловци на демони од K-pop“. Ова остварување беше прогласено и за најдобар долгометражен анимиран филм.

-Кажете ја вашата приказна – светот ве чека, им порачаа на младите филмаџии креаторите на ова остварување. За најдобар краток анимиран филм, пак, беше избран „Девојката што плачеше бисери“.

Домаќин на 98. доделување на наградите „Оскар“ беше американскиот комичар Конан О’Брајан.

Принтскрин од Јутјуб

-Одаваме почит не само на филмовите, туку и на идеалите, го славиме филмот затоа што се надеваме дека ќе биде подобро, рече О’Брајан, водејќи ја церемонијата на годинашните Оскари.

Потсети дека од 2029 Свеченото доделување на Оскарите ќе се гледа само на Јутјуб и се пошегува како ќе изгледа тоа, покажувајќи како преносот често ќе се прекинува со реклами. (Н.И.Т.)

Оддадена почит на легендите

На свеченоста на доделувањето на Оскарите, познатиот актер и комичар Били Кристал им оддаде почит на американски режисер и актер Роб Рајнер и неговата сопруга, фотографката Мишел, кои минатата година беа убиени во нивниот дом. Познатата пејачка и актерка Барбра Страјсенд, пак, со песната „The Way We Were“ се прости од големиот актер и режисер, легендата на Холивуд Роберт Редфорд кој исто така почина лани. Пред публиката во Долби театарот од оние кои веќе не се меѓу нас, меѓу другите, беа споменати и италијанската актерка Клаудија Кардинале, унгарскиот режисер Бела Тар, германскиот актер Удо Кир, американските актери Кетрин О’Хара, Дајан Китон, Роберт Дувал и Вал Килмер.

Роберт Дауни Џуниор му подари танга на Крис Еванс

Интересна ситуација се случи на сцената на 98. доделување на Оскарите. Актерот Роберт Дауни Џуниор, при најавувањето на победникот во категоријата за најдобро оригинално сценарио, извади танга од џебот на јакната и му ги подари на колегата Крис Еванс. Рече дека светкавите гаќички кои ги носел Ченинг Тејтум во филмот „Меџик Мајк“.

Актерот Тејтум веднаш се јави од публиката.

– Еј, ми требаат за работа – извика тој предизвикувајќи смеа во Долби театарот.

Фото: EPA/EFE

ИЗДВОЕНИ