четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ОТКАКО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УСТАВНИОТ СУД ГО ПРОЗВА СОБРАНИЕТО ДЕКА Е НЕДИСЦИПЛИНИРАН ОРГАН:...

ОТКАКО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УСТАВНИОТ СУД ГО ПРОЗВА СОБРАНИЕТО ДЕКА Е НЕДИСЦИПЛИНИРАН ОРГАН: Африм Гаши му порача на Дарко Костадиновски – секој да си гледа во својот двор

– Но, сепак, мислам дека треба повеќе да се грижиме за институциите што ги водиме отколку да гледаме во туѓиот двор. Кога би биле внимателни како работиме со наши институции, би имале помалку проблеми. За жал, склони сме кон гледање во други работи – нагласи првиот парламентарец како одговор на забелешките од Уставниот суд

739

Секој прво треба да си гледа во сопствениот, а не во туѓиот двор, е коментарот што го даде вчера претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, на забелешките што дојдоа од Уставниот суд на Македонија за однесувањето на највисокото законодавно тело. На денешниот брифинг за новинарите, Гаши така одговори на новинарското прашање за негов коментар за изјавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Првиот меѓу уставните судии деновиве го прозва Собранието дека е „недисциплиниран орган“ кога се работи за исполнувањето на барањата и одлуките на Судот во однос на неколку законски решенија. И покрај давањето неколкумесечни рокови, Собранието значително ги пречекорило определените рокови.

Но, првиот парламентарец смета дека мора да се внимава кога се даваат такви оцени. Тој потенцира дека, како политичар и како раководител на една институција каква што е Собранието, никогаш не влегува, ниту се обидува да влезе во конфликт со некоја друга институција ниту со политичар или со носител на јавна функција. Односно дека секогаш повикувал на внимателност во давањето изјави, особено кога се работи за меѓуетничките односи.

– Секогаш треба да бидеме внимателни, зошто тие односи се столб на стабилноста на оваа земја. Останува секој носител на јавна функција да размислува како се однесува. Јас се обидувам максимално да бидам внимателен, затоа што верувам дека многу влијае тоа врз стабилноста на државата и односите меѓу граѓаните. Секоја институција, особено една од најважните – Уставниот суд , ама и Собранието, за кои Уставот има одредено јасни компетенции и ингеренции, треба да си ја врши својата функција врз основа на Уставот и на законите. И ние се обидуваме да ја извршуваме таа функција според Уставот, законот и Деловникот. Така што и нему и на сите носители на јавни функции им го препорачувам истото: секој да се грижи за својата институција. Нормално, треба да се грижиме и за другите и да даваме критики едни на други, демократско општество сме. Но, сепак, мислам дека повеќе треба да се грижиме за институциите што ги водиме отколку да гледаме во туѓиот двор. Кога би биле внимателни како работиме со наши институции, би имале помалку проблеми. За жал, склони сме кон гледање во други работи – нагласи Гаши.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, неодамна кажа дека Судот во повеќе наврати носел таканаречени интерпретативни одлуки, со кои му давал рок на законодавецот да го усогласи законот со Уставот. Но, според него, Парламентот често не постапувал по тие одлуки и истекувале роковите без промени во законите. Како пример го споменаа и Кривичниот законик, каде што Собранието имало дури десет месеци да реагира. Поради ваквата практика, Уставниот суд повеќе нема да толерира игнорирање на неговите одлуки.

– Ние му дадовме три шанси на Собранието. Првин беше Законот за електронски комуникации. Му одредивме рок, два-три месеци не ја почитува нашата одлука. Му дадовме рок за да не настанат несогледливи последици за Кривичниот закон, за измените на Кривичниот закон. Десет месеци. Тоа ли е однос кон Уставниот суд? Така ли се однесува Собранието? Можеби е подобро отсега, барем за мене, го кажувам личниот став, нема веќе интерпретативни одлуки, иако се тие многу здрави за да не настане правна празнина, за да не трпат граѓаните. Зошто покажале тие непочитување кон Уставниот суд? – изјави Костадиновски.

На новинарското прашање дали смета дека претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, не гледа во сопствениот двор, спикерот Гаши со одговор на брифингот:

– Не, не реков. Јас си викам себеси. Мене ме интересира Собранието. Се обидувам да ја звршувам функцијата врз основа на Уставот, законот и на Деловникот, а не од некои критики. Нормално, гледаме и слушаме, секој може да е во право, но јас се водам од тие три документи.

Според него, потребно е да се знае како се носат законите во Собранието.

– Собранието кога носи закони, не зависи само од Собранието, особено за Законот за електронски комуникации, за Кривичниот законик. Тоа се сложени закони, кои барата експертиза. Не зависи само од Собранието кога ќе бидат донесени. Тоа зависи од низа институции, особено од оние што се врзани со Владата. Не може Собранието да донесе закон за електронски комуникации. Ние немаме експерти за електронски комуникации. Кога ќе донесе Владата или министерство предлог, ние веднаш постапуваме. Тврдам дека Собранието било експедитивно. Треба да се види целата слика како се носи еден закон и тогаш би биле повнимателни за тоа што го зборуваме – рече Гаши.

На прашањето дали, сепак, може да бидат проактивни Собранието и пратениците , тој одговори дека тоа е работа на политичка култура и дека се обидуваат да го „вратат политичкото достоинство на Собранието, но тоа не зависело само од нив“.

Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, инаку, деновиве беше и на удар на партиите на Албанците во Македонија, од власта и од опозицијата, поради отфрлањето на иницијативите со кои беа оспорени законските одредби врзани за проектот „Безбеден град“, а со кои се бараше службена употреба и на албанскиот јазик. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ