понеделник, октомври 26, 2026
Дома МАГАЗИН Гласот на Душко Долгоушко засекогаш замолкна: Почина човекот кој ги оживеа нашите...

Гласот на Душко Долгоушко засекогаш замолкна: Почина човекот кој ги оживеа нашите омилени ликови од детството

46
video screenshot

Ерик Бауза, актер и гласовен уметник познат по позајмувањето гласови на ликови од франшизата „Луни тјунс“ (Looney Tunes) – вклучувајќи ги „Багс Бани“ (Душко Долгоушко), „Дафи Дак“ (Паторот Дачо) и „Порки Пиг“ (Прасето Гицко) – почина на 46-годишна возраст. Ова денеска го соопшти неговото семејство, наведувајќи дека смртта настапила ненадејно.

Во изјава објавена на Инстаграм, семејството на наградуваниот уметник сподели дека Бауза починал неочекувано, додека списанието „Варајети“ (Variety) пренесува дека причина за смртта е хипертензивна кардиоваскуларна болест.
Бауза позајми гласови за бројни ликови во овогодинешниот анимиран филм „Којотот против Акме“ (Coyote vs. Acme), како и во неодамна објавениот „Остров на сеќавањата“ (Island of Memories).

Во интервју за „Ен-Би-Си њуз“ (NBC News) од 2021 година, Бауза – кој е роден во канадската провинција Онтарио и е со филипинско потекло – раскажа како пораснал со ликовите од „Луни тјунс“ и како уште како дете ги имитирал нивните гласови.

„’Луни тјунс’ ги надминува сите јазици и култури. Не е важно од кој дел на планетата доаѓате – хуморот го разбирате“, изјави тогаш Бауза.

Во периодот меѓу 2022 и 2025 година, тој освои три награди „Еми“ за извонредна гласовна изведба во неколку телевизиски серии.
Ченинг Данџи, претседателка на „Ворнер брос. телевижн груп“ (Warner Bros. Television Group) и американските мрежи, изјави дека Бауза бил уникатен гласовен уметник кој им донел радост и смеа на милиони луѓе ширум светот.

„Тој ја продолжи традицијата на великани како Мел Бланк. Ерик велеше дека зачувувањето на легендарното наследство на серијалот ’Луни тјунс‘ е една од најголемите почести во неговиот живот“, изјави Данџи.

ИЗДВОЕНИ