Скопјани велат дека невремето поминало, но последиците сè уште се гледаат низ градот. „Уште стои, кој ќе го тргне?“, прашуваат граѓаните кои секојдневно поминуваат покрај паднатите дрвја и гранки.

Од Ново Лисиче до центарот на градот, рекреативците се жалат дека блокираните патеки покрај Вардар станале секојдневна пречка. Граѓаните признаваат дека штетите се големи, но бараат побрзи реакции таму каде што се отежнува движењето и се нарушува безбедноста. Комуналните екипи уверуваат дека работат на терен, но велат дека по невремето има голем број локации кои треба постепено да се расчистат

Речиси една недела по силното невреме кое го зафати Скопје, дел од тротоарите и пешачките патеки низ населбите сè уште се соочуваат со последиците од силниот ветер. Паднати дрвја и гранки останаа на повеќе локации, што предизвика реакции кај граѓаните кои бараат побрзо расчистување на јавните површини.

На социјалните мрежи скопјани споделуваат фотографии и видеа од локации каде што, како што велат, остатоците од невремето сè уште не се отстранети.

„Сè уште стои, кој треба да го тргне?“, „Нема проаѓање, цела патека е блокирана“, „Ќе чекаме ли уште една недела?“ – се дел од реакциите на граѓаните кои укажуваат на проблеми со проодноста на одредени места.

Особено незадоволство има кај рекреативците кои ја користат патеката покрај Вардар. Според нивни реакции, едно паднато дрво на кејот во насока од Ново Лисиче кон центарот на Скопје со денови ја попречува патеката и го отежнува движењето на пешаците, велосипедистите и оние што секојдневно ја користат оваа маршрута.

Граѓаните велат дека разбираат оти невремето предизвикало големи штети и дека не може сè да се среди веднаш, но бараат приоритет да имаат местата каде што се загрозува безбедноста или се блокира движењето.

Од градските и општинските служби информираат дека екипите на комуналните претпријатија се постојано на терен и работат на отстранување на последиците од невремето. Надлежните посочуваат дека бројот на паднати дрвја и гранки е голем, а интервенциите се вршат според приоритети – прво на критичните точки, улиците, сообраќајниците и местата каде што постои опасност за граѓаните.

Во меѓувреме, скопјани очекуваат побрзо расчистување на останатите локации, особено на пешачките и рекреативните патеки, за градот постепено да се врати во нормала по силното невреме.

Се поправаат дел од платформите за гнезда на штркови оштетени од невремето

Силното невреме кое деновиве го зафати Скопје и повеќе региони низ Македонија остави последици не само врз инфраструктурата, туку и врз специјално поставените платформи за гнезда на штркови на електродистрибутивната мрежа.

Од Електродистрибуција информираат дека нивните екипи по невремето биле ангажирани на повеќе локации за отстранување на последиците и санација на оштетувањата предизвикани од силниот ветер и врнежите.

Меѓу интервенциите биле и поправки на дел од платформите за гнезда на штркови, кои поради временските услови претрпеле оштетувања. Овие конструкции имаат важна улога бидејќи овозможуваат побезбедно гнездење на птиците и го намалуваат ризикот од струен удар при нивниот престој во близина на електричната мрежа.

– По невремето, екипите на Електродистрибуција работеа на голем број интервенции за санација на дистрибутивната мрежа. Меѓу нив беа и поправки на оштетените платформи за гнезда на штркови – информираат од Електродистрибуција.

Оттаму посочуваат дека досега низ целата држава се поставени 1.240 вакви платформи, со цел заштита на птиците и подобрување на безбедноста на електроенергетската инфраструктура.

Штрковите традиционално ги користат електричните столбови како места за гнездење, поради што поставувањето на посебни платформи претставува решение кое ги штити и птиците и електричната мрежа.

По завршувањето на најитните интервенции предизвикани од невремето, екипите продолжуваат со санација на оштетените делови, вклучително и со обновување на платформите каде што е потребно.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ