Луксембург е избран за седиште на нова канцеларија посветена на примената на вештачката интелигенција (ВИ) во здравството, која ќе функционира како дел од Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.
Одлуката беше донесена вчера од страна на Регионалниот комитет на СЗО за време на состанокот во Копенхаген, по сложен процес на селекција и неколку круга на гласање, соопшти Министерството за здравство и социјална сигурност на Луксембург преку социјалните мрежи.
Новата канцеларија ќе има задача да им дава поддршка на 53-те земји-членки на европскиот регион на СЗО во етичката примена на вештачката интелигенција во здравството, за добробит на сите, се наведува во соопштението.
Според медиумите во Луксембург, земјата била избрана пред Полска и Португалија за време на состанокот во Копенхаген. Деталите во врска со големината на идната канцеларија, нејзиниот буџет и датумот на започнување со работа сè уште не се познати и ќе бидат дефинирани во претстојниот договор со СЗО.
Порталот paperjam.lu пренесува дека Луксембург нема да биде домаќин на агенција одговорна за одобрување на медицински софтвер, ниту пак на лабораторија за развој на сопствена вештачка интелигенција. Наместо тоа, таа ќе служи како центар преку кој СЗО има намера да им помогне на земјите-членки во регулирањето на употребата на оваа технологија во здравствениот сектор.
Првичната задача на новата канцеларија ќе биде да ги преточи основните принципи на „безбедна, етичка и доверлива“ вештачка интелигенција во практични насоки што ќе ги користат владите, здравствените власти и здравствените работници во земјите-членки. Таа нема да ги замени националните агенции одговорни за лиценцирање на лекови и медицински помагала, ниту пак ќе има надзорни овластувања над болниците; дополнително, нејзините препораки до земјите-членки нема да бидат обврзувачки.
Сепак, државата Луксембург ќе има институционални придобивки од оваа канцеларија, бидејќи таа ќе придонесе кон експертизата на СЗО, а состаноците и програмите за обука ќе привлечат официјални лица, научници и здравствени работници од странство во земјата. Порталот напоменува дека и здравствениот сектор, универзитетот и научните институти во Луксембург, исто така, ќе имаат корист од ова вмрежување.
Во согласност со ознаката „административна канцеларија“, таа ќе функционира како издвоена единица на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, чие седиште е во Копенхаген. СЗО/Европа веќе управува со пет вакви издвоени канцеларии: една во Барселона, фокусирана на финансирањето на здравствените системи; канцеларија во Венеција, посветена на инвестициите за здравје и развој; центар во Алмати за примарна здравствена заштита; канцеларија во Истанбул за подготвеност за здравствени вонредни состојби; и центар во Бон, фокусиран на животната средина и здравјето.
Станува збор за мали канцеларии, со постојан персонал кој брои од шест до 23 вработени, пренесе „Бета“.












