Судија на претходна постапка на барање на јавен обвинител им одреди мерки на претпазливост, одземање на пасошот и јавување во судот на вкупно 9 осомничени од раководството на очната болница. МВР, во четвртокот, објави дека приватна болница наплаќала двојно за операција на очи – еднаш од ФЗОМ и еднаш од граѓаните – при што болницата имала добивка од над 4 милиони евра, а буџетот е оштетен за околу 1,5 милиони евра.
Според досегашните информации од истрагата, осомничените наводно користеле фиктивни фактури и невистинити податоци во електронскиот систем за да се реализираат исплатите од Фондот. На пациентите, покрај законската партиципација, им биле наплаќани и дополнителни суми по приватни цени, без да бидат информирани дека услугите веќе биле платени од ФЗО. Инволвирани се поранешни и сегашни вработени во Фондот, меѓу кои и поранешниот генерален директор Ден Дончев кој беше на позицијата од 2017 до 2020 година, и други раководни лица во приватната болница.
„Поднесена е кривична пријава против 11 физички лица, од кои еден албански државјанин и едно правно лице, и тоа: Д. Д. (60) од Скопје, О. Р. (66) од Тетово и С. Б. (59) од Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување, Р. А. (45) од Куманово за несовесно работење во службата, З. А. (35) од Скопје за фалсификување или уништување деловни книги, В. Ќ. (47) од Скопје, С. А. (40) од Скопје и Г. А. (33) од Република Албанија за злоупотреба на службената положба и овластување и измама во службата, Ц. С. (47) од Скопје, Ж. С. (58) од Скопје и И. П. (49) од Скопје за несовесно работење во службата и против приватната здравствена установа од Скопје за перење пари и други приноси од казниво дело, соопштија од МВР.
Реагираа од Европската очна болница, тврдат дека не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен ниту од морален или финансиски аспект.
„Напротив, и по повеќе од една година без поддршка од ФЗО, успеавме да ги зачуваме квалитетот, хуманоста и пристапноста на цените на офталмолошките интервенции за сите“, велат од приватната очна болница. На објавата, најверојатно поранешен пациент ја поздравува полициската акција обвинувајќи болницата за нетранспарентност: „Луѓе прават операции на очи кај вас, а вие ги испраќате дома без никаков документ и евиденција дека правел операција. Тоа е недозволиво. На обичен очен преглед во оптика да појдеш, на крај ти даваат извештај во писмена форма, а да не зборуваме за операција. Сега не знам како е, но во 2025 година не прифаќавте ни плаќање со картичка туку само кеш“, коментира пациент на објавата на социјалната мрежа „Фејсбук“. (П.А.)











