петок, октомври 30, 2026
Дома МАГАЗИН Изненадување за децата за на Ноќта на вештерките на Трамп не помина...

Изненадување за децата за на Ноќта на вештерките на Трамп не помина славно: Прелет на претседателкиот авион над Белата куќа предизвика доцнење на десетици летови/видео

35
Фото:принтскрин, Бела куќа видео

Прелетувањето на претседателскиот авион над Белата куќа, организирано вчеравечер за време на детската прослава за Ноќта на вештерките, предизвика доцнење на десетици летови и вознемири дел од жителите на Вашингтон. Воздушниот сообраќај на еден од главните аеродроми во градот беше привремено запрен, а градските претставници ја критикуваа одлуката бидејќи биле известени само 15 минути претходно, пренесува „Ројтерс“.

Авионот, кој ја носи ознаката „Ер форс уан“ (Air Force One) кога во него се наоѓа претседателот Доналд Трамп, вчера двапати прелета ниско над Белата куќа. Како резултат на тоа, Федералната управа за авијација (FAA) привремено го запре целиот сообраќај на блискиот Национален аеродром „Реган“ во Вашингтон. Авионот исто така прелета и над блиските станбени населби.

Реакции на ненадејниот лет

Во моментот на прелетувањето, претседателот Трамп бил домаќин на детска забава по повод Ноќта на вештерките. Белата куќа објави видео на социјалните мрежи со натпис: „Епско прелетување на ’Ер форс уан‘ над Белата куќа за децата кои дојдоа по слатки!“

Градскиот совет на Дистриктот Колумбија соопшти дека известувањето за прелетувањето пристигнало само 15 минути претходно – „до сите во центарот на Вашингтон, до Пентагон и до Националниот аеродром. Тоа исплаши многу луѓе, вклучително и нас“. Претставниците на авиокомпаниите исто така потврдија дека биле информирани помалку од еден час пред настанот.

Нарушувања во воздушниот сообраќај

Некои патници на летови кон Вашингтон пријавиле дека нивните авиони морале да кружат пред слетувањето или дека нивните летови доцнеле. Според веб-страницата за следење летови „Флајт авер“ (FlightAware), вчера на аеродромот доцнеле 26 отсто од летовите што заминувале и 17 отсто од оние што пристигнувале, што изнесува вкупно 202 лета.

Повеќето од овие доцнења се директна последица на прекинот на работата на аеродромот. Прелетувањата на „Ер форс уан“ често се организираат за време на големи спортски настани на кои присуствува претседателот Трамп.

ИЗДВОЕНИ