четврток, јули 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Двајца пациенти со западнонилска треска критично, на механичка вентилација – тројца нови...

Двајца пациенти со западнонилска треска критично, на механичка вентилација – тројца нови сомнителни случаи

0

Двајца од седумте пациенти хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со потврдена западнонилска треска се во критична состојба и се на механичка вентилација на одделот за интензивно лекување, информираше директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана. Станува збор за пациенти на возраст од 76 и 66 години. Според Цана, 66-годишниот пациент бил примен на 26 јули, но по влошување на здравствената состојба лекарите одлучиле да биде интубиран и поставен на респираторна поддршка.

– Тој не патувал надвор од државата и има многу коморбидитети. Сите останати пациенти се на возраст над 60 години и со повеќе придружни заболувања. Тие се стабилни и се лекуваат според современи медицински протоколи. Токму оваа возрасна група е изложена на најтешките инвазивни форми на вирусот – изјави Цана.

Дополнително, во текот на денот се очекуваат резултатите од Институтот за јавно здравје за уште тројца пациенти кои се примени со дијагноза акутно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Кај нив постои сомневање дека станува збор за инфекција со вирусот на Западен Нил.

– Седум случаи се потврдени, а кај тројца постои големо сомнение дека може да се работи за истата инфекција – рече директорот на Клиниката. Сите седум потврдени пациенти се од неколку населби во Скопје, а само еден од нив има историја на патување во Грција. И тројцата пациенти кај кои се чекаат резултатите се од Скопје.

Цана посочи дека кај пациенти со западнонилска треска може да дојде до влошување и покрај тоа што првично се во постабилна состојба, поради што се потребни болничко следење и постојан медицински надзор.

– Не може никој да процени како вирусот ќе дејствува во организмот. Затоа пациентите се хоспитализираат, се следат и се мониторираат. За ова заболување нема специфичен лек, туку се применува супортивна терапија, односно лекување на симптомите и поддршка на функциите на организмот – објасни Цана.

Според последните податоци, во Македонија годинава се регистрирани осум случаи на западнонилска треска. Најголем дел од пациентите развиле невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем.

Клиниката за инфективни болести останува отворена за прием и лекување пациенти, а здравствените власти апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од убоди од комарци, кои се главен преносител на вирусот.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ