Премиерот Христијан Мицкоски во Собранието ги отфрли обвинувањата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, околу унгарскиот заем, оценувајќи дека станува збор за финансиски аранжман со исклучително поволни услови за државата. Одговарајќи на пратеничко прашање, Мицкоски порача дека отворањето постапка или истрага во Унгарија е внатрешно прашање на тамошните институции и дека тоа, според него, нема никаква врска со начинот на кој Македонија ги обезбедила средствата.

Премиерот нагласи дека заемот бил договорен под услови какви што, како што рече, ретко се обезбедуваат, посочувајќи дека станува збор за помош која има за цел да ја поддржи економијата и развојот на земјата.

– Половина од средствата, односно 500 милиони евра, беа искористени за сервисирање на стари долгови, со што се намали притисокот врз јавните финансии – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека дел од останатите средства се насочени кон бизнис-секторот преку поволни кредитни линии за компаниите, со каматна стапка од 1,95 проценти, што според него претставува значајна поддршка за домашната економија. Дополнителен дел од парите, како што објасни премиерот, се користат за реализација на инфраструктурни проекти во општините низ државата, без разлика на тоа од која политичка партија доаѓа локалната власт.

Мицкоски порача дека и унгарската страна го оценила заемот како договорен под повластени услови, поради што, според него, опозицијата наместо критики треба да го поздрави овој потег. Тој упати директни обвинувања кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека изнесува неточни информации за намената и условите на заемот.

– Наместо да се бараат проблеми таму каде што ги нема, треба да се признае дека станува збор за договор кој носи корист за граѓаните и за економијата – порача премиерот.

Изјавата на Мицкоски доаѓа по реакциите од опозицијата, која побара дополнителни објаснувања за начинот на договарање и трошење на средствата од унгарскиот кредит.

ИЗДВОЕНИ