петок, октомври 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија поместува планини за милиметар напред, Бугарија со закована позиција

Македонија поместува планини за милиметар напред, Бугарија со закована позиција

53

Македонската Влада се соочува со тежок наследен товар и поместува планини за минимален напредок на европскиот пат, но нема да прифати нови отстапки без гаранции дека спорот ќе биде целосно надминат, вели премиерот Христијан Мицкоски. Од другата страна, бугарската претседателска кандидатка Илијана Јотова во претседателската дебата во Бугарија порачува дека Софија нема да отстапи ниту сантиметар од веќе договорените позиции кон Македонија. Во услови на дијаметрално спротивставени ставови со Софија, македонските власти, преку дипломатски активности и средби со европски партнери, работат на одблокирање на патот кон Унијата

Евроинтеграциите заглавени меѓу барањата за гаранции и францускиот предлог

 

Поместување планини за само еден милиметар напред кон ЕУ, како што вели премиерот Христијан Мицкоски, наспроти цврстата позиција на бугарската претседателска кандидатка и актуелна потпретседателка, Илијана Јотова, дека Софија нема да отстапи ниту сантиметар од своите барања кон Македонија. Две пораки, два различни политички пристапи, но и јасен показател за длабочината на застојот во македонско-бугарските односи и евроинтегративниот процес на Македонија, кој останува една од најголемите политички и дипломатски предизвици за актуелната Влада, а уставните измени и натаму се клучна пречка на патот кон Европската Унија.

Премиерот Христијан Мицкоски оценува дека земјата се соочува со тежок процес и со наследен политички товар од претходната влада на СДСМ, но порачува дека нема да се откаже од борбата за заштита на државните и националните интереси.

Гаранции

Во телевизиско гостување, Мицкоски истакна дека Владата нема да презема дополнителни чекори сè додека не добие гаранции дека со нив ќе се надмине целокупниот проблем и дека процесот ќе биде двонасочен, нагласувајќи дека евроинтеграциите бараат долгорочна стратегија, внимателност и политичка одговорност.

– Оставете нè да се бориме. Зошто моето право како политичар кој добил легитимитет од граѓаните да ги брани интересите на оваа држава континуирано ми се оспорува од одредена група луѓе? Зошто? Оставете ме да се борам во името на оние што ми го дале тоа право – рече Мицкоски во интервју на Канал 5 телевизија.

Тој додаде дека ваквите процеси траеле и дека да се справува со товарот оставен од минатата влада е како да се поместува планина за да се мрдне еден милиметар напред. Но, нагласи, оваа Влада ќе продолжи да го прави тоа во името на граѓаните што му ја дале довербата.

– Ова се процеси што траеле. Кога е потпишан Бледскиот договор, зарем тогаш Димитров сонувал дека еден ден ќе се роди некој Заев или Ковачевски кои ќе потпишат сè обратно што тој го потпишал како капитулација пред тогашното раководство на Македонија, Југословенската федерација? Не сонувал, ама еве чекале, чекале… И оваа борба ќе трае, рече Мицкоски.

Премиерот го повтори својот став дека нема да се преземе ниту еден чекор повеќе додека не биде сигурен дека со тоа се решава целиот проблем.

– Додека не бидеме сигурни дека со ова го решаваме целиот проблем, сè додека не бидеме сигурни дека ова е двонасочна улица, ќе се бориме. Зошто ми го оспорувате правото да се борам? Јас не сум рекол дека утре, веднаш ќе цутат цвеќињата, птиците ќе пеат и сè ќе биде розово. Не, ова е тежок процес бидејќи товарот што овие ни го оставија пред нас е толку тежок што поместуваме планини за да мрднеме милиметар напред. Планини поместуваме, толку е голем тој товар. И нема проблем, ќе ги поместуваме, но оставете нè, не ни ставајте нови товари, истакна премиерот Мицкоски.

Јотова нема да отстапи ниту сантиметар

Во меѓувреме, прашањето за односите со Македонија и условите за нејзино продолжување на европскиот пат се најде и во фокусот на претседателската кампања во Бугарија. Кандидатите за претседател, Илијана Јотова и Андреј Ѓуров, во пресрет на вториот круг од изборите в недела, разменија спротивставени ставови околу францускиот предлог и политиката на Софија кон Скопје. Јотова порача дека Бугарија не треба да отстапи од досегашните барања кон Македонија, посочувајќи дека нема доволен напредок во заштитата на правата на лицата со бугарска самосвест и справувањето со говорот на омраза. Како пример го посочи случајот со Христијан Пендиков и ослободувањето на напаѓачите.

Од дебатата на БНТ

– Во мое лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од веќе договореното. Ќе продолжиме да инсистираме и пред нашите европски партнери договорот и европските политики да бидат спроведени, изјави Јотова на дебатата на БНТ.

Во однос на т.н. француски предлог, Јотова рече дека бугарската позиција била спасена во последен момент со интервенција на тогашниот претседател Румен Радев. Таа рече дека тогашниот министер за надворешни работи често одел во кабинетот на Радев за да работат заеднички на документот, заедно со претставници на кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, а го обвини поранешниот премиер Кирил Петков дека не бил запознаен со договореното и дека имал намера да отпатува во Скопје за да ја промени бугарската позиција.

Од друга страна, Ѓуров ги бранеше постапките на тогашната влада и парламентарното мнозинство. Тој оцени дека со францускиот предлог, бугарската позиција станала дел од европската политика, нагласувајќи дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е дел од договорените услови.

– Успеавме да го заштитиме интересот на бугарските граѓани и да ја направиме бугарската позиција дел од заедничката европска позиција, рече тој.

Овие пораки доаѓаат во период кога македонската Влада инсистира на гаранции дека евентуалните отстапки ќе значат надминување на спорот и непречено продолжување на евроинтеграциите и преку дипломатски активности и средби со европски партнери работат на одблокирање на патот кон Унијата.

На средбата со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, доби убедување дека Словачка е против двојни стандарди во пристапниот процес и е на став дека без јасна перспектива за членство, фрустрацијата во Западен Балкан ќе расте. Бланар од Скопје изјави дека Европската Унија мора да испрати јасен сигнал дека членството е реално, во спротивност, ризикува да го изгуби регионот. Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, пак, порача дека евроинтеграцијата мора да биде кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, со почитување на утврдените критериуми и забрзана динамика. Тој потврди дека дијалогот со Бугарија ќе продолжи, но дека за секое одржливо решение е потребен консензус од сите земји членки на ЕУ.

И црногорскиот вицепремиер задолжен за надворешни и европски прашања, Филип Ивановиќ, порача дека неговата земја се залага процесот на проширување во Европската Унија да биде врз основа на заслуги, а Црна Гора ќе биде силна поддршка за земјава во нејзиниот процес на евроинтеграција, затоа што ставот на Подгорица е дека ЕУ не може да биде комплетна без земјите од регионот. (В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ