петок, октомври 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Три пресметки за животниот стандард, една реалност – македонските плати најниски во...

Три пресметки за животниот стандард, една реалност – македонските плати најниски во Европа

Владата, ССМ и „Еуроњуз“ нудат различни пресметки за потребните месечни приходи, но сите ја отвораат истата дилема – дали македонските плати можат да обезбедат пристоен живот и да ги следат трошоците. Анализата на „Еуроњуз“ покажува дека на едно четиричлено семејство во Македонија му се потребни околу 77.000 денари месечно. Тоа е за околу 7.000 денари повеќе од Синдикалната минимална кошница, која во октомври изнесуваше 70.358 денари, и речиси 18.500 денари над владината пресметка за август, според која на едно семејство му биле потребни 58.475 денари

28

Додека Владата и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изнесуваат различни пресметки за тоа колку му е потребно на едно семејство за да ги покрие месечните трошоци, анализата на „Еуроњуз“ покажува дека на четиричлено семејство во Македонија месечно му се потребни 77.000 денари. Овој износ е за околу 7.000 денари повисок од Синдикалната минимална кошница, која во октомври изнесуваше 70.358 денари и речиси 18.500 денари над владината пресметка од 58.475 денари за август. Разликите меѓу овие пресметки ја отвораат пошироката дилема колку заработуваат граѓаните, колку можат да потрошат и колку навистина им е потребно за да живеат достоинствено.

– Анализата на „Еуроњуз“ е интересна, но треба да бидеме внимателни кога велиме дека на едно четиричлено семејство му се доволни 1.266 евра за удобен живот. Тоа не значи дека со овие пари семејството навистина може да ги задоволи сите свои потреби. Всушност, анализата повеќе покажува колку се ниски приходите во Македонија во споредба со другите европски земји. Според нашите пресметки, платата за живот во 2026 година треба да изнесува околу 47.500 денари нето. Тоа значи дека едно четиричлено семејство би требало да располага со околу 71.300 денари месечно, доколку во него има еквивалент на еден и пол вработени. Тука не зборуваме за луксуз, туку за нормален живот – семејството да може да си дозволи квалитетна храна, да ги плати сметките и да ги покрие трошоците за децата, здравството, образованието и другите секојдневни потреби, без постојано да размислува од што ќе мора да се откаже до крајот на месецот, изјави за весникот ВЕЧЕР Виктор Митевски, извршен директор на Здружение за истражување и развој – ЗМАИ.

Тој посочува дека особено загрижува тоа што во Македонија премногу се зборува за растот на просечната плата, а многу помалку за тоа колку работници навистина можат достоинствено да живеат од својата заработка. Просечната плата, според него, не ја покажува целосната слика, бидејќи голем дел од работниците заработуваат помалку од просекот.

– Затоа мислам дека треба да го смениме и начинот на кој разговараме за платите. Не е доволно тие само номинално да растат, особено кога истовремено растат и цените. Потребно ни е зголемување на реалните плати, но и поголеми инвестиции во технологија, знаење и подобри работни услови, за економскиот раст да го почувствуваат и работниците, појаснува Митковски.

Разликата меѓу владината и синдикалната кошница за август изнесуваше околу 11.200 денари. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, објасни дека таа произлегува од различните методологии. Владината пресметка се темели на официјални статистички податоци за реалната потрошувачка на домаќинствата, додека синдикалната кошница ги опфаќа трошоците за покривање на основните потреби на едно семејство. Една од позначајните разлики е кај храната и пијалаците. Министерството за август пресметало 21.132 денари, додека синдикалната кошница предвидувала 25.032 денари, односно 3.900 денари повеќе месечно.

Ова отвора прашање дали пониската регистрирана потрошувачка навистина значи и помали потреби на домаќинствата или, пак, е последица на ограничените приходи. Доколку семејствата поради недостиг од пари купуваат помалку месо, овошје, зеленчук или млечни производи, нивната потрошувачка статистички се намалува, но тоа не значи дека им се намалуваат и реалните потреби. Затоа е важно да се прави разлика меѓу она што домаќинствата можат да си го дозволат и она што им е потребно за соодветен животен стандард.

Според анализата на „Еуроњуз“, на едно возрасно лице што живее само во Македонија му се потребни 603 евра нето месечно, односно околу 36.600 денари. Тоа е најнискиот референтен износ меѓу 34 анализирани европски земји. За двојка без деца, потребниот приход изнесува околу 55.000 денари, а за четиричлено семејство околу 77.000 денари.

Токму разликите меѓу овие пресметки се дел од пошироката дебата за животниот стандард и ниските плати во земјава. Од ССМ порачуваат дека на работниците не им се потребни нови пресметки и економски модели, туку повисоки примања.

– Работниците не можат да живеат од пресметки, предлози и економски модели, туку им се потребни повисоки плати, е ставот на ССМ, од каде што предупредуваат дека отворањето нови дискусии за моделите на пресметување на платите може да го одолговлечи решавањето на најгорливиот проблем – ниските работнички примања.

Од ССМ посочуваат дека дискусиите за нови модели на пресметување на трудот се отвораат во услови кога минималната плата во Македонија изнесува околу 423 евра. За споредба, во Србија, од 1 јануари е најавена минимална плата од 600 евра, додека во Црна Гора, минималните плати се движат од 1.000 евра за работниците со основно образование, 1.250 евра за оние со средно и 1.450 евра за работниците со високо образование. Според пресметките на Синдикатот, половина од работниците во Македонија примаат плати пониски од 600 евра, една третина се под 500 евра, а две третини се под просечната плата.

– Додека другите држави бараат начини како да ги зголемат примањата на работниците, кај нас се отвораат дискусии што не нудат одговор на најважното прашање, кога македонскиот работник конечно ќе добие плата од која ќе може достоинствено да живее? Не ни требаат нови формули за пресметување на сиромаштијата, туку итно и значително зголемување на платите, порачуваат од ССМ.

За разлика од кај нас, анализата на „Еуроњуз“ покажува дека највисок референтен месечен приход меѓу анализираните земји има Швајцарија, каде што изнесува 6.491 евро. Во Европската Унија, највисок е во Луксембург – 6.256 евра, а најнизок во Романија – 1.023 евра. Под 1.000 евра месечно се и референтните износи во Албанија – 723 евра, Турција – 755 евра, Црна Гора – 825 евра и Србија – 975 евра.

Трите пресметки ја покажуваат разликата меѓу реалната потрошувачка, средствата потребни за покривање на основните потреби и приходот што овозможува повисок животен стандард. За граѓаните, не е најважно која методологија ќе покаже пониска или повисока бројка, туку дали платите можат да ги следат трошоците и да обезбедат сигурност во секојдневниот живот. Затоа, покрај дебатата за кошничките и економските показатели, во центарот на вниманието останува прашањето за растот на реалните плати и за тоа колкав дел од работниците навистина можат да живеат достоинствено од својот труд.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ