Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Гази Баба, денеска, го означија почетокот на изградбата на новата фаза од вакуумската канализација во населеното место Јурумлери.
Станува збор за продолжување на инфраструктурниот проект со кој треба да се подобри системот за одведување на отпадните води во ова населено место во зона 1 и зона 4, со модул на пречистителна станица за отпадни води за 1500 жители.
Градоначалникот Стефковски истакна дека оваа фаза се реализира со финансиска поддршка од Владата на Република Македонија, во вредност од 144.805.314,09 денари, а предвидува изградба на дополнителни 4.380 метри нова мрежа на вакуумска канализација, како и приклучоци до домаќинствата.
– Важно е да се истакне дека ова не е почеток на инвестициите во Јурумлери, туку продолжување на една континуирана посветеност и работа. Претходно, Општина Гази Баба, со сопствени буџетски средства, изгради 4.072 метри фекална канализациска мрежа. Со новата фаза, продолжуваме да ја прошируваме мрежата и да создаваме услови за конечно решавање на еден од најважните инфраструктурни проблеми со кои се соочуваат жителите – нагласи Стефковски.
Реализацијата на новата фаза е дел од напорите за модернизација на комуналната инфраструктура и создавање подобри услови за секојдневниот живот на локалното население.
Според премиерот со овој проект, ова населено место ќе добие канализација онака како што треба да има во 21 век.
– Со проектот во Гази Баба, ова населено место добива современа канализациска инфраструктура, со што се решава едно од суштинските прашања за достоинствено и поквалитетно живеење. Ова е резултат на соработката меѓу централната и локалната власт, посветената работа на општината и поддршката на советниците и пратениците. Продолжуваме да инвестираме во проекти што носат реални придобивки за граѓаните, а општините веќе ги подготвуваат и следните проекти за новиот владин повик – наведе премиерот.
Проектот е финансиран од програмата на Владата за децентрализација на средства од централниот буџет кон општините.












