Олку високи температури во јуни досега немало ниту во Македонија ниту во Европа. Интензивни топлински бранови ја погодија не само јужна туку и западна, средна и источна Европа, со температури над 40 Целзиусови степени.
Бројот на починати луѓе од интензивните жештини изнесува многу повеќе отколку во нормални услови во другите периоди од годината. Се работи за повеќе илјади жртви само од топлинските бранови. Притоа, треба да се земат предвид и многуте штети во економијата, земјоделството, сообраќајот, зголемената потрошувачка на електрична енергија и др.
Во јавните медиуми циркулираа разни соопштенија како да се справат луѓето со високите температури, а тоа се познати работи што се повторуваат како и порано, во слични ситуации. Но, овој пат температурите беа рекордно високи, а многу куќи и згради изградени во минатото не се соодветни за живеење во вакви екстремни услови.
Од друга страна, земјите со умерена клима како што се Франција (поголемиот дел), Англија, Германија и други немаат вградено ниту индивидуални клима-уреди ниту централни системи за климатизација. Уште повеќе, Европската Унија (ЕУ) се залага за неинсталирање системи за климатизација за да не се троши електрична енергија, која во голем дел се произведува од фосилни горива.
За темата топлински бранови многу се зборува само во моментите додека траат и најчесто се даваат совети за начините како да се заштитат и да се адаптираат луѓето. Притоа, се споменуваат климатските промени како причина за нивната појава, без да се навлегува подетално во тој проблем. Овие денови, топлинските бранови веќе ги нема и работите ќе си течат понатаму вообичаено, до некои следни топлински бранови, но и други екстремни временски непогоди (поплави, урагани, суши, шумски пожари и др.).
Суштината на проблемот е како да се намалат и да се спречат климатските промени, бидејќи само на таков начин ќе се спречат топлинските бранови и другите екстремни временски непогоди. Се работи за многу сложен проблем, кој официјално почна да се третира од 1988 година, со формирањето на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC). Во 1992 година беше донесена Рамковната конвенција за климатски промени во рамките на Обединетите нации (UNFCCC), според која секоја година се организира конференција на страните (СОР), со цел борба против климатските промени. На една таква конференција беше донесен Протоколот од Кјото (1996 г.), со кој развиените земји имаат обврска да направат релативно мала редукција на емисиите на стакленички гасови. Но, САД (претседател Бил Клинтон) не го потпишаа тој договор, со образложение дека тоа ќе ја попречува нивната економија.
Во 2015 година, со меѓународен консензус беше донесен Парискиот договор, обврзувачки документ со кој се бара секоја земја да постави своја национална цел за ограничување на емисиите на стакленички гасови и да одлучи колку пари ќе даде за земјите што се најтешко погодени од климатските промени. Но, САД се повлекоа од него во првиот (2017 г.) и во вториот мандат (2025 г.) на претседателот Доналд Трамп. Воедно, тој ги укина сите ограничувања за експлоатација на нафта, гас и на јаглен, плус овозможи давање субвенции за нови дупчења за поголемо производство. Но, со тоа се зголемуваат емисиите на стакленички гасови, кои ја покриваат целата планета Земја, а не само Америка. Трамп ги нарекува климатските промени „голема измама“. Но, за тоа дали е измама или не, меродавно е мислењето на научниците, а не на политичарите.
Меѓународниот суд на правдата со седиште во Хаг (тело на ОН) во јули 2025 г. донесе пресуда според која државите имаат обврска да ја заштитат животната средина од емисиите на стакленички гасови. Генералното собрание на ОН во мај 2026 г. со огромно мнозинство изгласа резолуција со која се потврдува одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Текстот на резолуцијата на ОН вклучува усвојување национален план за климатска акција за ограничување на глобалната температура под 1,5 о С; постепено укинување на субвенциите за истражување, производство и експлоатација на фосилни горива.
Кога бев дете, еден пријател на татко ми кажа една анегдота од античко време. Александар Македонски го посетил филозофот Диоген на Коринт и го прашал што сака да направи за него. Овој одговорил (парафразирам): „Тргни се малку настрана за да ме грее сонцето“, во смисла дека не е тоа негово, туку на сите луѓе. Инаку, во тоа време важело правилото ако се спротивстави некој на крал или го навреди, веднаш да го убијат.
Дали денес ќе се најде некој како Диоген да му каже на Доналд Трамп (САД) да не ја загадува атмосферата (со стакленички гасови), бидејќи таа ја покрива целата Земјина топка, т.е. сите луѓе?! Јас очекував тоа да го направат земјите од ЕУ, но не се случи тоа. Уште повеќе, точно во јули 2025 г., ЕУ склучи договор со кој се обврзува да купува нафта и гас од САД во вредност од 750 милијарди долари годишно, со цел задржување на царините на 15 %.
Значи, и за климатските промени важи: парите го вртат светот.
Деновиве гледаме натпревари на Светското фудбалско првенство, а најмногу реклами на стадионите има „Aramco“, компанија за нафта и гас од Саудиска Арабија. Има највисоко (најскапо) ниво на промоција и најмасовна гледаност во светот. Предлагам да се воведе забрана за рекламирање компании што работат со нафта и гас, слично како што се воведе забрана за рекламирање цигари.
На тема климатски промени сум пишувал многу пати, а написите ги завршувам со следнава реченица: Сè додека пазарната економија, односно профитот имаат приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје
*Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)











