Од 1 јули стапуваат на сила новите правила на Европската Унија за меѓународен патен транспорт, со кои значително се проширува опсегот на возила опфатени со обврската за користење паметни тахографи од втората генерација (G2V2).

Според новата регулатива, сите лесни комерцијални возила и комбиња со максимална дозволена маса, заедно со приколка, од 2,5 до 3,5 тони, кои учествуваат во меѓународниот превоз на стоки, задолжително ќе мора да бидат опремени со овие уреди. Тие автоматски ги евидентираат граничните премини, местата на товарање и истоварање, како и работните активности на возачот во текот на возењето.

Новата обврска се однесува на возилата што се користат во меѓународниот транспорт или во каботажата, односно превоз на стока во рамките на друга држава членка. Со ова, Европската Унија го проширува досегашниот систем, кој претходно важеше, главно, за возилата над 3,5 тони, кон помалите категории што сè почесто учествуваат во прекуграничниот транспорт.

Од обврската се изземени лесните товарни возила до 3,5 тони што се користат за транспорт на материјали до и од градилиштата, како и за активности во рамките на самите градилишта, под услов да работат во радиус до 100 километри од матичната база. Исклучоците остануваат и за превозот на рачно изработени производи, како и за некомерцијалната употреба на возилата, каде што управувањето не претставува примарна професионална дејност.

Регулативата ќе се применува на територијата на Европската Унија, како и во Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка, Исланд и во Обединетото Кралство. Од друга страна, државите потписнички на договорот AETR, кој го регулира работното време на возачите во меѓународниот патен сообраќај, не се опфатени со оваа измена.

Со новите правила се очекува да се зголеми контролата во меѓународниот транспорт и ќе се овозможи поголема транспарентност во движењето на товарните возила, како и поефикасна примена на прописите за работното време и одмор на професионалните возачи.

 

ИЗДВОЕНИ